Кошарка

Феноменалниот Монтеро со „МВП“ партија ја донесе Валенсија на чекор од титулата

Феноменалниот Монтеро со „МВП“ партија ја донесе Валенсија на чекор од титулата

Екипата на Валенсија дојде до многу значајна победа во третиот натпревар од финалната серија и на тој начин успеа да поведе со 2-1. Бевме сведоци на уште еден квалитетен и драматичен натпревар во кој Жон Монтеро докажа по кој знае кој пат сезонава дека ја има донесено својата игра на следно ниво, така што беше главна фигура на теренот со 29 поени, 5 скокови, 6 асистенции и индекс на корисност од 37. Крајниот резултат на семафорот гласеше 80-88.

Натпреварот започна со една карактеристична акција на „портокаловите“ со која ги отвораат повеќето натпревари. Се работи за „ајверсон кат“ (движење во кое напаѓачот од едната страна на теренот трча до спротивната страна, обично минувајќи директно преку поставени блокади на двајца високи играчи на лактите) со „рогови“ (2 поставени блокади на лактите преку кои продолжува „пик-ен-рол“ играта) каде Монтеро успешно го пронајде Сако од играта 2 на 2 за лесни поени на обрачот.

Барса возврати со неколку индивидуални решенија преку Вил Клајбрн, Кевин Пантер и Дарио Брисуела додека Валенсија ја движеше топката повеќе во нападот и ги завршуваше нападите за неколку секунди преку „пик-ен-рол“ играта од транзиција и во играта на нискиот пост за 17-15 на крајот на првиот квартал.

Избраниците на Педро Мартинес во неколку наврати во текот на оваа серија покажаа дека се способни за краток временски период да направат значајна разлика, а тоа беше случај и на почетокот на втората четвртина кога за 3 минути и 18 секунди, направија серија од 12-0 за водство од 17-27. Најзаслужен за оваа успешна секвенца беше талентираниот Серхио де Лареа којшто поентираше од транзиција и погоди 2 отворени шута зад линијата за 3 поени за вкупно 8 поени во таа серија.

Следеше исклучително интересен период во кој ритамот стана многу подинамичен и гледавме вистинска „убавица“ од натпревар во кој секој неутрален гледач можеше да ужива. Каталонците „се вратија во живот“ со неколку нацртани акции од книгата на Чави Паскуал и со транзициона игра каде најистакнат беше Торнике Шенгелиа. На другата страна, блескаше Монтеро со својата константна и разновидна игра во која имаше од сè по малку (игра 1 на 1, прекрасни асистенции од високото излегување на Барселона од „пик-ен-рол“, украдени топки и поени од контранапад). Валенсија замина со водство од 4 поени на големиот одмор (36-40).

Уште од почетокот на второто полувреме, „лилјаците“ почнаа да го диктираат темпото и на тој начин успеаја да се одлепат на двоцифрена разлика (44-55). Јан Весели беше играчот којшто ја држеше Барса во игра со својот извежбан шут од полудистанца, а во редовите на Валенсија, можеше да се стекне впечаток дека доминиканскиот репрезентативец, Жон Монтеро, не може да погреши. Познато е дека неговиот репертоар на потези и решенија е мошне богат, а тоа беше прикажано преку шут од 9 метри преку двајца играчи на Барселона, положување со елегантно наслонување на топката на табла во игра 1 на 1 по безброј совршени дриблинзи и тројка во ран напад за огромни во тој момент +18 (53-71).

Сепак, Барселона со помош на нејзиниот „шести играч“ успеа да се врати во целост за 5 минути и 20 секунди, правејќи неверојатна серија од 20-2 за 73-73 и вистинска драма. Во оваа серија, најистакнати беа Брисуела со својата агресивна игра на обрачот и со своите прецизни шутеви за 2 и 3, како и Шенгелиа со својата грбна техника на нискиот пост за која високите играчи на Валенсија немаат соодветно решение во досегашниот тек на серијата.
„Црвено-сините“ притиснаа и го имаа моментумот над натпреварот, но далеку помалку искусниот состав на Мартинес покажа смиреност, зрелост и квалитет за да го скрши отпорот и да триумфира на крајот за конечни 80-88.

Покрај најрасположениот Монтеро, се издвои и де Лареа со 13 поени, 4 скокови и 2 асистенции. Кај домаќините, Шенгелиа одигра брилијантно, постигнувајќи 25 поени и додавајќи 6 скокови и 3 асистенции до своето име, а го следеше Брисуела со 13 поени, 2 скокови и 1 асистенција.

Четвртиот натпревар од финалната серија е закажан за среда, 24-ти јуни во 20 часот во Палау Блауграна арената во Барселона. Барса нема право на грешка за да ја врати серијата во Валенсија каде би се играла потенцијалната „мајсторка“, а Валенсија со победа ќе стане шампион по првпат уште од 2017 година и по вторпат во историјата на шпанската клупска кошарка.