Да се освои титулата во Шпанија, а да не се викате Реал Мадрид или Барселона е навистина тешко, изискателно и несекојдневно, меѓутоа токму тоа им појде од рака на кошаркарите на Валенсија коишто успеаја да ја совладаат убедливо екипата на Барселона во четвртиот натпревар од финалната серија. Се работи за дефинитивно најголемото изненадување оваа сезона, како во Евролигата, испишувајќи историја и одејќи до самата завршница од натпреварувањето – на Фајнал Форот во Атина, како и во Ендеса лигата, качувајќи се на тронот.
Сепак, да започнеме со прегледот на натпреварот, а потоа ќе упатиме дополнителни пофални зборови за извонредната сезона на „лилјаците“. Како и останатите натпревари, така и овој започна со агресивната игра на Валенсија, па така од преземањето од „пик-ен-рол“, со помош на подвижноста на Брекстон Ки којшто може да ги презема сите играчи на сите позиции, одигра одлична одбрана на Вил Клајбрн, а Жон Монтеро ја пресече топката за лесни поени на обрачот во контранапад. Мора да се напомене дека „портокаловите“ во преземањата од „пик-ен-рол“ како во горенаведената ситуација, често се поставуваа привремено во зонска одбрана 2-3 со чија помош успеаја да украдат безброј топки во текот на целата финална серија и да ги матерализираат истите. Следниот напад донесе успешна „пик-ен-рол“ соработка помеѓу Монтеро и Сако, казнувајќи ја „дроп“ одбраната (одбранбена стратегија каде што дефанзивецот на поставувачот на блокадата се повлекува кон рекетот наместо да презема или да удвојува) на Барселона за рано водство од 0-5.
Следеше период на прецизни шутеви од далечина за двете екипи, а она што би сакал да го издвојам од овој период е придобивката на Валенсија од Хаиме Прадија и неговиот коефициент на интелигенција, па би направил паралела со Јан Весели од Барселона во врска со „краткиот рол“. Ако Барселона добиваше прецизни шутеви од полудистанца од Весели, Валенсија добиваше многу добар распоред на играчите на теренот и опции во нападот со Прадија којшто ги завршуваше нападите трпеливо со полухорок, „флоутер“ (шут со една рака во висок лак) или асистенција за играчите коишто одлично втрчуваа позади грб на Каталонците од „бек-дор“ (остро пробивање зад својот чувар директно кон обрачот за да се прими додавање и да се постигне кош на обрачот). Кевин Пантер беше исклучително расположен во редовите на „црвено-сините“, а тоа го покажа и во прекрасната акција во првата четвртина во која доби „флер блокада“ (блокада без топка во која играчот се оддалечува од топката за да постави блокада за соиграч, овозможувајќи му на соиграчот да излезе на периметарот за шут од 3 поени) од Шенгелиа по која го реализираше отворениот шут за 3 поени за тогашни 20-22 при крајот на првиот квартал.
Уште од почетокот на втората четвртина, Валенсија најави дека е одлучна да го скрши отпорот на противникот, а тоа успеа да го стори малку по малку со својата агресивна и дисциплинирана одбрана, како и со фантастичната транзициона и позициона игра во нападот. Токму една ситуација која ми привлече посебно внимание беше на средината на четвртината кога Омари Мур ја искористи добро поставената блокада на Мет Костело и со „змијско движење“ (се користи во играта од пик-ен-рол за да се промени страната на напаѓање по блокадата) и со дополнително добиена „гортат блокада“ (каде што офанзивниот поставувач на блокадата, откако ќе ја постави блокадата, го затвора или повторно го блокира својот дефанзивец за да создаде отворен пат за напад за нискиот играч со топка) од неговиот соиграч, успеа елегантно да ја положи топката со својата спротивна лева рака, наслонувајќи ја на таблата за 30-33. Валенсија продолжи во нејзиниот препознатлив висок ритам и на полувремето замина со водство од +12 (35-47).
Во третиот период од натпреварот, Валенсија постигна импресивни 35 поени, а тие дојдоа како резултат на нивната течна игра во нападот со помош на доброто движење на топката и носењето на брзи и паметни одлуки, а Барселона грешеше многу, па натпреварот го заврши со 16 изгубени топки наспрема само брилијантните 5 на Валенсија, што претставува сериозна разлика доколку се земе предвид важноста на натпреварот. Во центарот на вниманието беа Монтеро со своите макотрпно извежбани тројки со чекор наназад или чекор настрана, како и Пантер со неговите карактеристични шутеви за 3 во движењето без топка или со топка од транзиција. Сепак, „портокаловите“ се одлепија на дури +18 (64-82) и така го приведоа крајот на натпреварот во „помирни води“.
Што се однесува до последниот период, Валенсија ја заврши работата успешно со помош на својата препознатлива игра и дури ја зголеми предноста за конечни +24 (84-108). Како што споменав и во една од претходните анализи, оваа игра на „портокаловите“ најмногу потсетува на онаа на Париз под водство на финскиот гениј, Туомас Иисало во сезоната 2023-2024 кога Париз го освои Еврокупот со само 1 пораз.
Верувале или не, само во еден статистички параметар, екипата на Барселона беше поуспешна од Валенсија, а тоа беа блокадите (1 наспрема 0). Тоа мислам дека говори повеќе од тоа да се издвојуваат сите статистички колони посебно. Оваа партија на Валенсија беше апсолутно доминантна и олицетворение на целата успешна сезона која ја оставија зад себе сите играчи во портокалова опрема. Кога веќе ја „спуштаме ролетната“ на оваа натпреварувачка 2025-2026 сезона, да ги издвоиме успесите на Валенсија. Имено, беа освоени Суперкупот и Ендеса лигата, а стигнаа до Фајнал Форот во Евролигата. Од екипа од која очекувањата беа сосем ниски до екипа која ја покори Шпанија и ѝ најави на Европа дека е потребно будно да ја следат во текот на наредните сезони.
Жон Монтеро танцуваше за последен пат, постигнувајќи 23 поени, фаќајќи 3 скокови и делејќи исто толку асистенции. Го освои признанието за најдобар стрелец, постигнувајќи вкупно 95 поени за 4 финални натпревари или 23,3 во просек, како и „МВП“ признанието за најкорисен играч со 5,5 асистенции и 30,3 индекс на корисност во просек по натпревар. Импресивни бројки што го вивнаа високо во европската кошарка и го препорачаа кај голем број квалитетни евролигаши.
Полека доаѓаме до крајот на оваа анализа, а еден од последните важни зборови е посветен на тренерот и би рекол срцето на оваа екипа – Педро Мартинес. Се работи за тренер којшто има работено исклучиво во Шпанија во текот на неговата тренерска кариера и со текот на годините, почнувајќи од далечната 1990-та, кога почна да го учи тренерскиот занает, ова е дефинитно „шлагот на тортата“ за него. Покрај тоа, Мартинес е исклучително квалитетен и стручен тренер, но уште поважно, скромен и умерен човек којшто никогаш не претпочита да се стави себеси во прв план во изјавите за медиумите, туку екипата, а тимската игра со која Валенсија стигна до големите успеси оваа сезона е токму показател за неговата големина како човек и тренер.
За крај, Валенсија го освои шампионскиот трофеј во домашната лига по вторпат во шпанската клупска историја. Првпат беа успешни во 2017-та година кога го совладаа „кралскиот клуб“ од Мадрид со идентичен резултат како во ова финале (3-1), а и тогаш како и сега, на клупата седеше шпанскиот, европскиот и светскиот стратег Педро Мартинес.