Задолжителните паузи за освежување на играчите на Светското првенство 2026 година им овозможија на телевизиските куќи да емитуваат реклами, носејќи ѝ на ФИФА преку 250 милиони долари само од американскиот пазар.
Четири минути и 20 секунди по меч – толку дополнително време за реклами им овозможи ФИФА на носителите на ТВ правата за време на задолжителните паузи за освежување на играчите. На ниво на целиот турнир, тоа изнесува седум часа, 30 минути и 40 секунди рекламен простор.
Сепак, не сите емитери го прифатија овој финансиски потфат. Британските гиганти Би-Би-Си и Ај-Ти-Ви, кои ги држат правата за Обединетото Кралство, одлучија во тие моменти да не пуштаат реклами, туку да ја прикажуваат живата слика од стадионот. Би-Би-Си дури потврди дека нема да емитува ни музички паузи на полувремето од финалето.
Правилата на ФИФА се јасни: рекламите може да почнат 20 секунди откако судијата ќе го означи почетокот на триминутната пауза, а мора да завршат 30 секунди пред топката повторно да се тркала. Тоа им овозможува на телевизиските куќи по осум 30-секундни рекламни слотови по меч, вкупно 832 слотови на целото првенство.
Колкави пари се вртат покажува примерот од американскиот пазар. Медиумската куќа Фокс Спорт наплатува меѓу 200.000 и 300.000 долари за 30 секунди рекламно време. Кога игра репрезентацијата на САД, цената скока на 750.000 долари. Само во Америка, вкупната заработка од рекламите за време на овие паузи ќе надмине 250 милиони долари.
Интересно е што Телемундо, кој го пренесува првенството на шпански јазик, воопшто не ја користи оваа комерцијална можност. Впечаток е дека од ова се задоволни само челниците на ФИФА и телевизиите кои го прифатија лесниот профит. Јасно е дека не станува збор за вистинска грижа за здравјето на играчите, бидејќи многу мечеви се играат на затворени стадиони со клима-уреди и идеална температура од околу 20 степени целзиусови.