Според британскиот „Дејли Мејл“, актуелниот светски шампион во Формула 1 е незадоволен од ситуацијата во Ред Бул и преговара за трансфер во Мекларен, кој би можел да се реализира најрано во 2028 година.
Британските медиуми откриваат дека Макс Верстапен води тајни преговори со Мекларен. Според информациите на „Дејли Мејл“, холандскиот возач би можел да се пресели во папаја тимот за плата од 80 милиони фунти.
Причината за потенцијалниот трансфер е незадоволството на Верстапен од моменталната состојба во Ред Бул. По успешниот период од 2021 до 2024 година, кога освои четири светски титули, сега следи пад на резултатите и лошо управување со тимот, што го натерало возачот да размислува за промена.
Според истиот извор, Оскар Пјастри, актуелниот тимски колега на Ландо Норис во Мекларен и светски шампион за 2025 година, би бил жртвуван за да се направи место за Верстапен. Преговорите наводно се веќе завршени, но останува клучниот проблем – Верстапен има договор со Ред Бул до крајот на 2028 година, иако одредени отказни клаузули му овозможуваат порано заминување.
Верстапен моментално се наоѓа на седмото место во генералниот пласман на возачите, со 101 бод помалку од лидерот на Мерцедес, Кими Антонели. Холанѓанецот претходно размислувал и за целосно напуштање на Формула 1, откако ги критикуваше новите хибридни мотори, споредувајќи ги трките со видеоигра како Марио Карт.
Мекларен веќе го ангажирал долгогодишниот тркачки инженер на Верстапен, Џанпјеро Ламбијазе, што се смета за чекор кон олеснување на трансферот. Се шпекулираше и за премин на Верстапен во Мерцедес на местото на Џорџ Расел, но Британецот категорично изјави дека ќе остане во Мерцедес и во 2027 година.