Најдобриот кошаркар во светот, Никола Јокиќ, ќе го облече дресот на Србија ова лето, потврди селекторот Душан Алимпијевиќ. Тој ќе биде достапен за квалификациите за Светското првенство.
Селекторот на српската кошаркарска репрезентација, Душан Алимпијевиќ, потврди од Фајналфорот во Атина дека Никола Јокиќ, најдобриот кошаркар на светот, ќе биде дел од националниот тим ова лето. Иако сезоната со Денвер Нагетс за Јокиќ заврши порано од очекуваното, тој ќе има доволно време за одмор пред важните битки на „орлите“ во јули и август.
„Никола Јокиќ би требало да биде тука за двата прозорци во јули и август“, изјави Алимпијевиќ за „Моцарт спорт“. Тој нагласи дека комуникацијата со Јокиќ отсекогаш била на највисоко ниво и дека кошаркарот живее за репрезентацијата, иако тоа можеби не им изгледало така на сите во одредени моменти. Алимпијевиќ откри дека Јокиќ дури и им се заблагодарувал на соиграчите за борбата во претходните квалификациски прозорци.
Иако фокусот на јавноста ќе биде на пријателските натпревари против Франција, каде што се очекува директен дуел меѓу Јокиќ и Виктор Вембањама, за селекторот Алимпијевиќ е најважно што ќе го има асот на Нагетс на располагање за вториот круг од квалификациите за Мундобаскет.
Србија на 2. јули игра против Швајцарија за потврда на пласманот во вториот круг, а три дена подоцна го затвора првиот дел од квалификациите. Потоа, на 20. и 23. август, следуваат два пријателски натпревари со Франција во Белград и Орлеан, пред да започне вториот круг од борбата за Мундобаскет на 27. август.
Сепак, постои проблем со настапот на Богдан Богдановиќ. Се очекува тој да го прескокне јулскиот прозорец поради помали здравствени проблеми кои ги решава со својот клуб, но Алимпијевиќ се надева дека ќе биде достапен за августовскиот прозорец.