Шпанските медиуми шпекулираат дека актуелниот европски шампион Шпанија би можела да настапи на претстојниот Мундијал без ниту еден фудбалер од Реал Мадрид, што би претставувало историски преседан.
Шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте се чини дека подготвува изненадување за претстојниот Мундијал, со оглед на шпекулациите во медиумите дека во неговиот конечен состав можеби нема да има место за ниту еден фудбалер од Реал Мадрид. Ова би било значаен преседан, имајќи предвид дека „кралскиот клуб“ традиционално дава репрезентативци за „Фуријата“.
Најновите информации сугерираат дека стоперот на Реал, Дин Хујсен, нема да добие повик за Светското првенство. Селекторот Де ла Фуенте наводно смета дека Хујсен немал доволно добра сезона и дека постојат други дефанзивци кои повеќе заслужуваат место во тимот. Ова е изненадувачки, особено ако се земе предвид дека Хујсен минатата година беше стандарден во шпанската репрезентација и како големо засилување се пресели во Реал.
Минатата година, Хујсен беше стартер на завршниот турнир од Лигата на нации, каде Шпанија го освои второто место, откако ја победи Франција, а во финалето загуби од Португалија на пенали. Доколку овие најави се остварат, Реал Мадрид најверојатно нема да има ниту еден фудбалер во шпанската репрезентација на претстојното Светско првенство.
Хујсен беше единствениот претставник на мадридскиот клуб на последната репрезентативна акција, против Србија и Египет, откако претходно од конкуренција испадна и Карвахал. Иако фудбалерите на Реал во последните две децении немаат голем придонес во шпанската репрезентација, досега не се случило „Фуријата“ да учествува на големо натпреварување без ниту еден член на овој клуб. За разлика од Реал, во моментов од Барселона фигурираат дури осум имиња, а се чека само на официјална потврда од Де ла Фуенте.