Светската фудбалска федерација (ФИФА) разгледува можност за проширување на Светското првенство од 48 на 64 репрезентации, потенцијално веќе од 2030 година.
Шпанскиот спортски весник „АС“ известува дека ФИФА сериозно размислува за значително проширување на бројот на учесници на Светското првенство. Според нивните извори, челниците на светската фудбалска организација сметаат дека претстојното проширување од 32 на 48 селекции, кое ќе биде актуелно на наредниот Мундијал, е полн погодок и придонесува за развој на фудбалот во региони каде што досега не бил толку популарен.
Како пример за успехот на проширувањето, „АС“ ги наведува дебитантите на претстојниот Мундијал како што се Зеленортските Острови, Курасао, Јордан и Узбекистан. Во ФИФА веруваат дека дополнителното зголемување на бројот на учесници на 64 би довело до уште повеќе дебитанти, што би ја зголемило популарноста на фудбалот и во земји без голема традиција во „најважната споредна работа на светот“.
Иако е речиси сигурно дека проширувањето ќе се случи најдоцна до Мундијалот во Саудиска Арабија во 2034 година, „АС“ не ја исклучува можноста тоа да се реализира веќе за Светското првенство во 2030 година. Ова првенство ќе биде организирано од Шпанија, Португалија и Мароко, со некои натпревари кои ќе се играат во Уругвај, Парагвај и Аргентина.
ФИФА планира да ги сумира впечатоците од најбројното Светско првенство досега веднаш по финалето на 19 јули, а потоа сериозно да ја разгледа можноста за зголемување на бројот на учесници на 64. Со оглед на тоа што квалификациите за СП 2030 започнуваат веќе во 2028 година, конечната одлука за евентуално проширување мора да биде донесена најдоцна до 2027 година.