Во Тихуана, Мексико, кај стадионот каде што тренира иранската репрезентација, полицијата пронајде распаднато тело во багажник на автомобил. Инцидентот ја покрена загриженоста за безбедноста на играчите.
Шокантна вест доаѓа од Мексико, една од трите земји домаќини на Светското првенство. Во Тихуана, во непосредна близина на тренинг-кампот на фудбалската репрезентација на Иран, пронајдено е мртво тело. Германскиот весник „Спорт1“ објави дека телото во фаза на распаѓање било откриено во багажник на автомобил.
Како што пренесуваат странските медиуми, мексиканската полиција го пронашла телото во багажник на SUV возило со калифорниски регистарски таблички, паркирано во близина на супермаркет преку патот од тренинг-центарот. Телото било завиткано во црна пластична кеса и веќе било во напредна фаза на распаѓање. Инцидентот го потврдиле и новинарите на агенцијата АФП кои биле на лице место.
Иранската репрезентација првично планираше да го смести базниот камп во Аризона, САД, но поради зголемените воени тензии и последиците од војната, пред почетокот на Мундијалот се пресели во Тихуана, пограничен град во Мексико. Неочекуваниот инцидент на новата локација повторно ги отвори прашањата за безбедноста.
Тихуана е позната по сериозните безбедносни проблеми. Според официјалната статистика, само во 2025 година во градот се случиле повеќе од 1.200 убиства.