Јаник Синер се пласираше во финалето на Мастерсот во Рим со победа над Данил Медведев, продолжувајќи ја својата импресивна серија и приближувајќи се до историски тениски рекорд.

Италијанскиот тениски ас Јаник Синер обезбеди место во финалето на Мастерсот во Рим, откако во полуфиналниот дуел го совлада Данил Медведев со 2-1 во сетови (6-2, 5-7, 6-4). Со оваа победа, светскиот рекет број еден го зголеми својот меѓусебен скор против Медведев на 10-7 и ја забележа петтата последователна победа против рускиот тенисер.
Синер продолжува да испишува историја на Мастерс турнирите, со оваа победа тој ја оствари својата 33-та последователна победа на турнирите од оваа категорија. Со тоа, тој дополнително го подобри рекордот кој неодамна го презеде од Новак Ѓоковиќ.
Италијанецот исто така може да се пофали со серија од 28 победи по ред на сите турнири, што ја потврдува неговата доминација оваа сезона. 24-годишниот тенисер сега е на чекор до освојување на таканаречениот „Златен мастерс“, подвиг кој подразбира освојување на сите Мастерс турнири барем еднаш во кариерата.
Доколку триумфира во финалето, Јаник Синер ќе стане најмладиот тенисер кому му успеало тоа, а воедно и само втор во историјата, покрај Новак Ѓоковиќ, кој го постигнал овој историски успех.
Негов противник во финалето ќе биде Каспер Руд, кој претходно убедливо го елиминираше Лучијано Дардери со 6-1, 6-1. Во меѓусебните дуели, Синер моментално има максимални 4-0 против норвешкиот тенисер, што му дава дополнителна предност пред финалниот натпревар.
