Чешкиот тенисер Јакуб Меншик се пласираше во второто коло на Ролан Гарос по неверојатна драма против Аргентинецот Маријано Навоне, а откако го доби мечот, легна на теренот и не можеше да стане.
Меншик славеше по речиси пет часа игра со 6-3, 2-6, 6-4, 1-6, 7-6, но веднаш по последниот поен се сруши на теренот поради тешки грчеви и целосна исцрпеност.
Натпреварот беше исполнет со пресврти, а двајцата тенисери доминираа во одредени моменти. Вистинска драма се случуваше во решавачкиот петти сет.
Навоне пропушти дури девет меч-топки, додека Меншик при водство на Аргентинецот од 5-4 мораше да се спасува и да остане во мечот. На крајот победникот беше решен во супер тај-брејк до 10 поени.
Во самата завршница Меншик имаше огромни проблеми со грчевите и едвај се движеше по теренот, но и покрај тоа успеа да ја реализира седмата меч-топка и да обезбеди пласман понатаму.
По победничкиот форхенд, Чехот падна на земја, а веднаш стана јасно дека нешто не е во ред. Тој им сигнализираше на судијата и лекарите дека не може да стане, а до него веднаш пристигна и Навоне за да му помогне.
Ситуацијата изгледаше сериозно, па на теренот пристигна и итна помош со инвалидска количка. По неколку минути Меншик сепак успеа да стане и самостојно да го напушти теренот, но веднаш по излегувањето седна во количката и беше пренесен кон соблекувалната.