Фудбал

Новите правила на ФИФА веќе прават хаос: Исланд прими гол поради бизарна казна

Новите правила на ФИФА веќе прават хаос: Исланд прими гол поради бизарна казна

Фудбалскиот свет влезе во нова ера со револуционерните правила на ФИФА, а Исланд беше првата репрезентација која на своја кожа ја почувствува строгоста на измените, примајќи гол поради новото правило за замени.

За време на пријателскиот натпревар помеѓу Јапонија и Исланд (1:0), исландскиот фудбалер Кристијан Хлинсон не успеа да го напушти теренот во предвидениот рок од десет секунди при измена.

Казната за овој пропуст беше исклучително строга: Исланд мораше да игра следните 60 секунди со играч помалку на теренот. Јапонците експресно ја искористија бројчаната предност и веќе во следниот напад, преку Коки Огава, постигнаа гол кој на крајот им ја донесе и победата.

Овие правила ќе бидат во сила и на претстојното Светско првенство, а нивната цел е да ја забрзаат играта и да ја намалат можноста за тактички одолговлекувања. Покрај брзите замени, воведени се и други значајни измени. Играчите кои излегуваат од игра имаат рок од 10 секунди да го напуштат теренот, во спротивно нивната замена мора да чека една минута пред да влезе, оставајќи го тимот со играч помалку. Исто така, воведен е строг тајмер од 5 секунди за изведување аути и гол-аути, со губење на поседот доколку времето се надмине.

Медицинската помош на теренот исто така е регулирана – фудбалер кој добива помош мора да го напушти теренот и да почека една минута пред да се врати, освен ако повредата не е резултат на фаул казнет со жолт или црвен картон. Протоколот за ВАР технологија е проширен, овозможувајќи проверка на втори жолти картони кои водат до исклучување, како и погрешно досудени корнери. Конечно, правилото дека само капитенот може да комуницира со судиите е заострено, а секој друг играч кој ќе приговара или врши притисок врз арбитрите автоматски добива жолт картон. Овие промени ветуваат динамично и непредвидливо Светско првенство.