Одбојка

Македонските одбојкарки со убедлив пораз тргнаа во Европската лига

Македонските одбојкарки со убедлив пораз тргнаа во Европската лига

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија со максимални 0-3 (14-25, 21-25, 11-25) загуби од Унгарија на стартот од новото издание на Европската лига на турнирот кој се игра во Порто.

За Унгарките ова беше втор натпревар на турнирот, откако вчера ја совладаа Португалија со 3-0, денеска ѝ земаа мерка и на нашата репрезентација.

Македонија одлично тргна во натпреварот, се држеме до средината на првиот сет кога беше 13-15, потоа следуваше ужасен пад на нашите дами, Унгарија направи серија од 1-10 и го доби сетот со 14-25.

Најголем отпор пруживме во вториот сет во кој освоивме 21 поен, беше 21-25 за противникот. Најлоши бевме на крајот, последниот сет го загубивме со 11-25.

Андротеа Милевска беше најефикасна во нашите редови со девет поени, следена од Ива Стојковска со седум, додека Љиља Ковачевиќ имаше пет поени. Марија Василевска освои три, додека по два имаа Теа Терзиевска и Ана Фасулева.

Утре со почеток од 19:30 часот играме против домаќинот на турнирот, селекцијата на Португалија.