Формула 1

Луис Хамилтон емотивно го прослави трофејот на Арсенал: „Пуштив солза радосница!“

Луис Хамилтон емотивно го прослави трофејот на Арсенал: „Пуштив солза радосница!“

Формула 1 ѕвездата Луис Хамилтон откри дека емотивно го доживеал освојувањето на титулата во Премиер лигата од страна на неговиот омилен клуб Арсенал, нагласувајќи дека очекува уште поголеми успеси за тимот на Микел Артета.

Луис Хамилтон, седумкратниот светски шампион во Формула 1 и долгогодишен навивач на Арсенал, не ја криеше својата радост по освојувањето на Премиер лигата. Тој изјави дека пуштил солза радосница кога „топџиите“ конечно ја прекинаа 22-годишната суша без титула во англискиот шампионат.

Хамилтон, кој има 41 година и моментално вози за Ферари, последен пат го доживеал Арсенал како шампион во 2004 година, кога „Непобедливите“ на Арсен Венгер ја завршија сезоната без пораз. Тогаш бил 19-годишен возач во Ф3, три години пред своето деби во Формула 1. По потврдата на титулата, откако Манчестер Сити одигра 1-1 со Борнмут, Хамилтон на социјалните мрежи објави „COYG“ (Come on You Gunners).

Пред Големата награда на Канада, Хамилтон ја опиша својата емотивна реакција: „Мислам дека, како и за сите, беше многу емотивно. Искрено, пуштив солза. Се сеќавам дека имав пет години и играв фудбал со пријателите во Стивенејџ. Бев единственото црно дете во тој крај меѓу оние со кои играв, и се сеќавам како се обидував да се вклопам. Сите тие поддржуваа различни тимови – Вест Хем, Тотенхем и Манчестер – па јас се префрлував меѓу нив кога имав четири или пет години, зависно од тоа со кого бев.“

Тој додаде и интересна анегдота од детството: „Мојата сестра, точно се сеќавам, ѝ пишав деновиве, ме водеше дома и ме праша кој тим го поддржувам. Тогаш ме удри по раката и рече: ‘Мораш да навиваш за Арсенал!’ Вчера се смеевме на тоа.“

По три завршници како вицешампиони во Премиер лигата, Арсенал оваа година ја обезбеди титулата коло пред крајот на сезоната. Хамилтон е горд на постигнатото и верува дека ова е само почеток на нова успешна ера за клубот од северен Лондон.