Башкими и Македонија ЃП одиграа спектакуларно реми од 3-3, со кое кумановскиот тим обезбеди опстанок во Првата македонска фудбалска лига, и покрај драматичниот финиш полн со пресврти и ВАР одлуки.
Екипата на Башкими, по ефикасното реми против Македонија Ѓорче Петров (3-3), ги разреши сите дилеми пред последното коло од Првата македонска фудбалска лига. Кумановчани и „лавовите“ приредија динамичен и возбудлив натпревар, а бодовите на крајот беа поделени, иако гостите може да жалат што не успеаја да победат. Со овој резултат, Башкими, заедно со Арсими, го обезбедија елитниот статус и за наредната сезона, додека Пелистер и Брера Струмица ќе играат бараж.
Натпреварот започна со возбудувања уште во 10. минута кога Македонија ЃП се закани преку Адем, чиј удар го одбрани голманот Јашар. Сепак, по корнерот што следеше, колумбискиот дефанзивец Кабракас постигна гол за водство од 0-1. Предноста на гостите не траеше долго. По обидот на Рибеиро во 12. минута, кој Јанков го фати, Аворнио во 17. минута израмни на 1-1 по асистенција на Алексовски.
Домаќините направија целосен пресврт во 32. минута преку Филип Алексовски, а потоа во 37. минута следеше и трет гол, повторно од Аворнио, за висока позитива на „зелено-црните“ пред својата публика. Македонија ЃП се врати во игра во 52. минута намалувајќи на 3-2. Следеше шанса за израмнување која не беше искористена, а на спротивната страна, во 74. минута, Алими промаши пенал откако неговиот удар од белата точка го одбрани Јанков. Во финишот, Кабракас постигна гол за 3-3, кој првично беше поништен поради офсајд, но по ВАР проверка беше признат.
Кога сите одбројуваа до крајот, студен туш во Куманово. Беше досуден пенал за Македонија ЃП, кој, по долга ВАР-проверка, на крајот беше поништен. „Лавовите“ можеа и да победат, но Мартин Џангаровски од неколку метри ја погоди стативата од пред самиот гол во 97. минута. Во последните три минути следеше голем притисок на гостите, но немаше реализација, за конечни 3-3.
