Во Нион денеска се одржа ждрепката за женската Лига на Нации каде што Македонија ќе се натпреварува во Лигата Ц.
За противници нашата селекција ги доби репрезентациите на: Израел, Фарски Острови и Андора.
„Андора е репрезентација која добро ја познаваме и против која имаме остварено две победи. Фарските Острови и Израел се селекции со кои досега немаме играно, но се надевам дека и против нив ќе успееме да оствариме позитивни резултати. Сепак, треба да бидеме приземни во очекувањата. Нашата репрезентација е во процес на подмладување, со вклучување на фудбалерките од селекциите до 19 и до 17 години. Тоа е процес кој бара време, работа и трпение. Јас сум оптимист и верувам во потенцијалот на оваа генерација. За мене успех ќе биде да освоиме повеќе бодови од минатиот циклус, да продолжиме со развојот на младите фудбалерки и постепено да се подготвуваме за поголеми резултати во иднина“, истакна селекторот, Александар Андов.
Во Лига Ц се натпреваруваат репрезентациите кои според пласманот во квалификациите за Светското првенство 2027 се најдоа во третиот ранг на европскиот репрезентативен фудбал. Победниците на шесте групи во Лига Ц обезбедуваат директен пласман во Лига Б, додека двете најдоброрангирани второпласирани репрезентации ќе добијат можност преку бараж да се борат за промоција во повисок ранг.
За натпреварите ќе има три термини: од 23 февруари до 6 март, од 13 до 24 април и 7 до 15 јуни.