Тренерот на ПСЖ со исклучително пофални зборови зборуваше за својот поранешен клуб Барселона, во пресрет на големиот дуел во Лигата на шампионите на „Паркот на принцовите“.
Истовремено, порача дека неговиот тим е гладен за победа и јасно нагласи дека утре сака да триумфира.
„Сакам да ја гледам Барселона, без разлика дали како тренер или како навивач“, призна Енрике, а потоа продолжи:
„Прекрасно е да се види тој идентитет и мислам дека сме слични. Сепак, мораме да бидеме свесни дека нè очекува тежок натпревар, бидејќи тие имаат исклучително квалитетни поединци, но и силен колектив“, беше јасен тој.
Поранешниот тренер на Барселона, кој беше и капитен на овој тим, зборуваше и за Ламин Јамал, кого многумина го сметаат за најдобар фудбалер во светот.
„Најдобриот начин да се одбраните од Ламин е да ја задржите топката во свој посед и да не им дозволите да дојдат до неа. Кога играте против тим кој има играчи со таков квалитет, мораме да ги надиграме како тим“, истакна Енрике.
Тој упати големи пофалби и за тренерот на Барселона, Ханси Флик, за кого рече дека совршено се вклопил во филозофијата на клубот.
„Совршено се вклопува во духот на Барселона, кој се заснова на храброст и постојана желба за победа. Работи одлична работа, а резултатите зборуваат сами за себе“, додаде тој.
Енрике уште еднаш истакна дека споредбите меѓу Јамал и Лео Меси се непотребни и одби да го стави тинејџерот во иста категорија со човекот кого го смета за најдобар фудбалер во историјата на фудбалот.
„Мислам дека Ламин сака да биде Ламин и во моментов игра на врвно ниво. Што се однесува до споредбите со најдобриот играч во историјата, во таква споредба никој не може да победи“, беше јасен тој.
Тој истакна дека и понатаму е голем навивач на Барселона, но откри и дека е член на клубот.
„Таа врска ги надминува рамките на обичното спортско ривалство. Член сум на клубот, бев играч и тренер шест години и длабоко сум поврзан со Каталонија, моето семејство е каталонско“, рече тој.
„Секогаш ги гледам натпреварите на Барселона. Тоа е клуб со јасни вредности што ги сакам. Не прибегнуваат кон груба игра, а нивните играчи се одликуваат со фер-плеј. Сепак, денес сум навивач на ПСЖ и утре сакам победа. Ова е клуб во кој почувствував дека сум важен, иако натпреварот против Барселона за мене секогаш е нешто посебно“, порача Енрике на крајот.