Фудбал

Тухел шокира: По Фоден и Мегваер, од списокот отпадна и ѕвезда на Реал!

Тухел шокира: По Фоден и Мегваер, од списокот отпадна и ѕвезда на Реал!

Селекторот на Англија, Томас Тухел, ги изненади сите со конечниот список за Светското првенство, изоставувајќи неколку клучни имиња, меѓу кои и играч на Реал Мадрид.

Одлуките на англискиот селектор Томас Тухел предизвикаа вистинска бура во јавноста пред почетокот на подготовките за Светското првенство. Иако конечниот список од 26 играчи официјално ќе биде објавен денеска во 11 часот, во англиските медиуми веќе протекоа информации кои откриваат неколку изненадувања и тешки одлуки. Според медиумите блиски до репрезентацијата, Тухел веќе разговарал со играчите, па поголемиот дел од списокот е практично познат однапред. Она што особено одекна е фактот дека на него нема да се најдат некои од најголемите имиња на англискиот фудбал.

Едно од најголемите изненадувања е изостанувањето на Трент Александер-Арнолд, десниот бек на Реал Мадрид. Иако има 34 настапи за репрезентацијата на Англија и статус на еден од најкреативните дефанзивци на својата генерација, оваа сезона не успеа да го задржи препознатливото ниво на форма. По доаѓањето од Ливерпул во Мадрид, забележа 30 настапи и пет асистенции, но тоа не беше доволно да го убеди селекторот. Наместо него, на списокот се најде Џед Спенс од Тотенхем, играч кој досега има само неколку настапи за националниот тим. Неговиот избор се смета за едно од поголемите изненадувања, особено бидејќи пазарната вредност на овој играч е речиси двојно помала во однос на Александер-Арнолд.

Големо внимание предизвика и изостанувањето на Кол Палмер, офанзивецот на Челзи, кој претходните сезони важеше за еден од најталентираните англиски фудбалери. Иако е проценет на околу 110 милиони евра, неговата форма во Премиер лигата оваа сезона не беше на очекуваното ниво, па остана без место во авионот за Мундијалот. На списокот нема да се најде ниту Фил Фоден од Манчестер Сити. Иако има 49 настапи за Англија и статус на стандарден репрезентативец во претходните циклуси, сезоната со седум гола и пет асистенции не беше доволна да го убеди Тухел.

Една од најемотивните приказни се однесува на Хари Мегваер, дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, кој исто така нема да го види големото натпреварување. „Бев убеден дека можам да бидам важен дел од тимот ова лето, по сезоната што ја имав. Одлуката ме шокираше и разочара. Им посакувам на играчите сè најдобро“, изјави Мегваер.

Англија ќе го отвори Светското првенство со дуел против Хрватска на 17 јуни, додека во групната фаза ќе игра уште против Гана и Панама.