Во Тиквеш започна реконструкцијата на тимот за следната сезона. Клубот од Кавадарци потврди разделба со 11 фудбалери, со што отвори простор за формирање на нов ростер под водство на Оливер Богатинов.
На листата на заминувања се најдоа ветеранот Даниел Мојсов, како и Стефан Тасев, Мартин Стојанов, Берат Садик, Кристијан Стојкоски, Кристијан Ѓорѓиевски, Никола Најдовски, Мартин Тодоров, Милован Петровиќ, Данаил Тасев и Вања Терзиќ.
Кавадаречкиот прволигаш јавно им се заблагодари на досегашните играчи и им посака успех во продолжението од нивните кариери.
По бројните заминувања, фокусот на Тиквеш сега ќе биде насочен кон засилувањата, а во клубот се очекува да пристигнат повеќе нови фудбалери кои ќе бидат дел од проектот за претстојната сезона.