Ханси Флик, тренерот на Барселона, изјави дека е подготвен за евентуалното враќање на Жозе Мурињо во Реал Мадрид, нагласувајќи дека тоа е само уште еден противнички тренер.
Барселона ја заврши сезоната со пораз од Валенсија (3:1) на „Местаља“, иако овој натпревар немаше резултатско значење за Каталонците, кои пред две недели ја обезбедија титулата во Примера.
Ханси Флик ја одржа последната прес-конференција пред летната пауза, каде што едно од прашањата се однесуваше на случувањата во редовите на најголемиот ривал – Реал Мадрид. Со оглед на тоа што враќањето на Жозе Мурињо на „Сантијаго Бернабеу“ е речиси сигурна работа, новинарите беа заинтересирани дали Флик е подготвен за „господинот посебен“.
Германецот веќе имал битки со тројца различни тренери на „кралскиот клуб“ откако пристигна во Барселона (Анчелоти, Алонсо, Арбелоа), а на прашањето одговори смирено: „Секако. Зошто да не бидам? Тоа е само уште еден противнички тренер, а јас сум секогаш подготвен за секого.“
Тренерот на Барселона, кој има договор со клубот до 2028 година, најави високи амбиции за следната сезона. „Задоволен сум од нивото на тимот во текот на целата сезона. Светското првенство е голем настан и играчите се фокусирани, но следната сезона ќе биде потешка и сакам сите да бидат 100% посветени. Сега можат да одат на Мундијал или на одмор и да се одморат, но она што е важно е Барса – и кога ќе се вратиме, сакам целосна посветеност од сите“, додаде Флик.