Шпанскиот стратег Рафаел Бенитез повеќе не е тренер на Панатинаикос, објави грчкиот клуб. Легендарниот тренер доби отказ по само седум месеци, клубот му се заблагодари за професионализмот.
Фудбалскиот клуб Панатинаикос објави дека шпанскиот стручњак Рафаел Бенитез повеќе нема да ја извршува функцијата тренер. Оваа одлука доаѓа по седум месеци откако 66-годишниот стратег го презеде кормилото на атинскиот гигант во октомври минатата година.
За време на неговиот мандат, Бенитез водеше 41 натпревар, забележувајќи 20 победи, 11 нерешени резултати и 10 порази. Панатинаикос ја заврши сезоната на четвртата позиција во лигата, со значителен заостаток од 20 бода зад шампионот АЕК, што очигледно не ги задоволи очекувањата на управата.
Kлубот на својата официјална веб-страница се заблагодари на шпанскиот тренер и неговиот стручен штаб. „Му благодариме на шпанскиот тренер и неговиот стручен штаб за професионализмот и духот што го внесоа во нашиот клуб за време на нивниот престој. Му посакуваме на Рафа Бенитез многу успех во продолжението на неговиот професионален пат“, стои во соопштението.
Отказот на Бенитез сугерира дека времето можеби го прегазило овој некогаш еден од најдобрите тренери во светот. Во својата богата кариера, тој успешно ги водеше Валенсија, Ливерпул, Интер, Челзи, Наполи, Реал Мадрид, Њукасл и Евертон. Грчките медиуми шпекулираат дека Јакоб Нестроп е главен кандидат за нов тренер на „зелените“. За Панатинаикос настапуваат и српските фудбалери Филип Ѓуричиќ и Милош Пантовиќ.