Џорџ Расел од Мерцедес се надева на пресврт на Големата награда на Канада, по тешката трка во Мајами. Тој верува дека научените лекции ќе му помогнат да се врати во борбата за врвот.
По двонеделна пауза, Формула 1 се враќа на патеката овој викенд со Големата награда на Канада во Монтреал. Програмата на патеката „Жил Вилнев“ започнува со првата тренинг сесија, додека спринт квалификациите се закажани за подоцна истиот ден.
Еден од возачите кои со големи очекувања пристигнуваат во Канада е Џорџ Расел од Мерцедес. Минатогодишниот победник во Монтреал се надева дека токму на оваа патека, каде што претходно бележеше одлични резултати, ќе направи пресврт и повторно ќе се вклучи во борбата за самиот врв на генералниот пласман. Расел минатата година славеше во Канада, а на истата патека освои и две последователни пол-позиции, што му дава дополнителна самодоверба по нешто покомплицираниот почеток на сезоната.
Особено тежок викенд за возачот на Мерцедес беше оној во Мајами, каде што за првпат оваа година остана без вистински ритам и борба за победа. Во сезона во која неговиот тимски колега, Андреа Кими Антонели, ја изненади конкуренцијата со серија одлични резултати и три последователни победи, Расел истакнува дека токму трката на Флорида му донесе драгоцени лекции. „Почетокот на сезоната беше турбулентен, но вистината е дека Мајами беше мојата прва навистина тешка трка оваа година“, изјави Британецот. „Сепак, се наоѓам во добра позиција бидејќи мислам дека во Мајами научив повеќе отколку за време на првите три трки заедно.“
За време на паузата меѓу двете трки, Мерцедес детално ги анализираше проблемите со перформансите на болидот, особено кога станува збор за новите хибридни погонски единици и начинот на управување со енергијата, што оваа сезона стана еден од клучните фактори во Формула 1. Расел смета дека екипите можеби премногу внимание посветиле токму на техничкиот дел од управувањето со енергијата, додека некои основни работи кои често го одлучуваат резултатот останале по страна.
„Од Мајами извлековме многу важни лекции. Оваа сезона сите бевме толку фокусирани на управувањето со енергијата што проблемите кои во Формула 1 ги познаваме со години, како што се правилното работење на гумите или наоѓањето идеални подесувања, речиси паднаа во втор план. Сите тие основи беа малку запоставени бидејќи бевме концентрирани на распределбата на енергијата“, рече Расел. Возачот на Мерцедес верува дека токму враќањето на тие основи ќе му помогне на неговиот тим веќе во Канада да направи исчекор кон врвот. „Тие проблеми не исчезнаа, само им посветувавме помалку внимание, а Мајами беше големо потсетување за мојата страна од гаражата и за мене лично дека секогаш мора да се фокусирате на основите кои можат да го направат или уништат целиот викенд. Секако дека не сакав четврто место во Мајами и не бев задоволен со тој резултат, но сум многу задоволен со она што го научив од сè бидејќе тоа ќе ме направи подобар на патеките на кои инаку имам повеќе проблеми“, заклучи возачот на Мерцедес.