Фудбал

Падна договор: Ираола ќе биде нов тренер на Ливерпул

Падна договор: Ираола ќе биде нов тренер на Ливерпул

Познатиот инсајдер Фабрицио Романо потврди дека Ливерпул постигнал договор со Андони Ираола, кој ќе биде новиот менаџер на клубот. Шпанскиот стручњак доаѓа на „Енфилд“ по заминувањето на Арне Слот.

Ливерпул доби нов менаџер, а станува збор за Андони Ираола, како што објави реномираниот спортски новинар Фабрицио Романо. По разделбата со Арне Слот, кој го напушти клубот пред неколку дена, веднаш започнаа шпекулациите за доаѓањето на шпанскиот стручњак на „Енфилд“.

„Ливерпул постигна договор за ангажирање на Андони Ираола како нов менаџер. Разговорите се интензивираа во последните два дена и сè е договорено“, напиша Романо на својот Твитер профил, потврдувајќи го трансферот со својата позната фраза „here we go!“. Оваа вест доаѓа по извештаите од вторникот дека договорот е блиску до реализација.

Ираола, кој претходно го водеше Борнмут, е познат по својот интензивен фудбалски стил. Неговата филозофија вклучува т.н. „гегенпресинг“ и „организиран хаос“, со агресивен пресинг еден на еден. Овој пристап би можел да ги потсети навивачите на „хеви метал“ стилот што го негуваше Јирген Клоп, особено по разочарувачката втора сезона под водство на Слот, каде што навивачите беа незадоволни од бавниот стил на игра. Ираола исто така форсира брзи контранапади, по што Борнмут беше особено препознатлив.

Спортскиот директор на Ливерпул, Ричард Хјуз, е голем почитувач на работата на Ираола и токму тој го донесе шпанскиот тренер во Борнмут во 2023 година, што укажува на довербата во неговите способности.