Тенис

Зверев пред историска шанса: Време е да се избрише од оваа непосакувана листа

Зверев пред историска шанса: Време е да се избрише од оваа непосакувана листа

Пред своето второ финале на Ролан Гарос, Александар Зверев се наоѓа на врвот на една статистичка листа на која дефинитивно не сака да биде. Денеска ќе се оствари едно од двете можни сценарија – или конечно ќе го избрише своето име од неа, или ќе остане осамен на самиот врв.

Кога станува збор за бројот на добиени мечеви на грен слемот во Париз без притоа да се освои титулата, германскиот тенисер и Давид Ферер го делат неславното прво место со по 44 триумфи.

Веднаш зад нив се Џими Конорс и Гаел Монфис, кои ја делат третата позиција со по 40 победи. Од оваа група, само третиот рекет во светот има шанса да ја промени својата судбина. Американецот и Шпанецот веќе се во пензија, а на крајот од сезоната ќе им се придружи и Французинот, кој по поразот од Иго Гастон во првото коло се прости од публиката во својот роден град.

Интересен податок е дека апсолутен лидер во оваа категорија некогаш беше Новак Ѓоковиќ. Пред да го подигне својот прв пехар на „Филип Шатрие“ во 2016 година, тој имаше дури 58 победи на овој турнир. Ова значи дека дури и ако Флавио Коболи го надигра во борбата за трофејот, Зверев има уште време пред себе. Сепак, јасно е дека ова му е веројатно најдобрата прилика што некогаш ќе ја добие.

Зверев веќе подолго време ја носи репутацијата на еден од најдобрите тенисери без освоен грен слем. 29-годишниот ас има освоено вкупно 24 титули во сингл, меѓу кои две од Завршниот АТП турнир (2018 и 2021) и злато од Олимписките игри во Токио. Во финалињата на УС Опен, Ролан Гарос и Австралија Опен, тој беше сопрен од Доминик Тим, Карлос Алкараз и Јаник Синер – при што од Австриецот и Шпанецот загуби во исцрпувачки пет сета.

Германецот во својата кариера има одиграно 13 Мастерс финалиња, од кои победил на седум – по двапати во Мадрид и Рим, и по еднаш во Монтреал, Синсинати и Париз.

Тој помина дури 396 недели во Топ 10, што е уште еден рекорд за играч без грен слем титула, оставајќи ги зад себе Томаш Бердих (369) и споменатиот Ферер (358). Со 206 недели поминати меѓу најдобрите пет, тој го зазема 18-тото место во историјата, а секој тенисер кој се наоѓа пред него има освоено барем еден грен слем.

Сите показатели велат дека конечно е дојден редот момчето од Хамбург да застане рамо до рамо со тениските великани, но за тоа ќе се прашува и Коболи. Големото финале е на програмата в недела со почеток во 15 часот.