Антоан Гризман го одигра својот 500-ти натпревар за Атлетико Мадрид, последниот на домашен терен, и го одбележа со асистенција за победа против Џирона.
Францускиот напаѓач Антоан Гризман синоќа го одигра својот последен натпревар на стадионот „Метрополитано“ во дресот на Атлетико Мадрид, во кој неговиот тим славеше со минимални 1:0 против Џирона. Овој меч беше јубилеен 500-ти за Гризман во црвено-белиот дрес, со што стана четвртиот играч со најмногу настапи во историјата на клубот.
Својот јубилеен настап, кој беше проследен со емотивно збогување од навивачите, Гризман го круниса со асистенција. Во 22. минута, по негов центаршут, Адемола Лукман го постигна единствениот гол на натпреварот. Ова беше 100-та асистенција за францускиот репрезентативец во кариерата, што е уште еден доказ за неговата важност за тимот.
Пред асистенцијата, Гризман имаше одлична шанса да се запише во листата на стрелците, но голманот на Џирона, Пауло Газанига, со извонредна интервенција го спречи неговиот удар во 19. минута. Газанига повторно се истакна со одбрана во 31. минута, спречувајќи го Гризман да постигне гол.
По завршувањето на натпреварот, на „Метрополитано“ следеше трогателна церемонија во чест на Гризман, која траеше речиси 45 минути. Ова беше достојно збогување за играчот кој е најдобар стрелец во историјата на клубот со 212 гола и кој освои Лига Европа во 2018 година, а играше и финале на Лигата на шампионите во 2016 година.