Најдобриот африкански судија, Омар Артан, ќе ја дели правдата на овогодишниот Суперкуп на УЕФА, откако претходно му беше оневозможено да учествува на претстојното Светско првенство. Имено, американските власти му забранија влез во земјата, третирајќи го како закана.
Триесет и четиригодишниот арбитар е дел од меѓународната листа на ФИФА уште од 2018 година, а неодамна го доби и престижното признание за најдобар судија во Африка за 2025 година.
Како еден од најдобрите, Сомалиецот беше делегиран да суди на Мундијалот. Во знак на поддршка за овој огромен успех и за да му се олесни патувањето во Соединетите Американски Држави, неговата татковина дури му издаде и дипломатски пасош.
Сепак, и покрај тоа што поседуваше и виза и дипломатски документ, Артан беше вратен назад од страна на Американците. Откако му беше одбиен влезот во САД, тој се врати во својата татковина каде што народот го пречека како вистински херој.
Како реакција на оваа ситуација, УЕФА направи голем гест и одлучи токму Артан да биде главен судија на Суперкупот на Европа. Натпреварот ќе се одигра на 12 август во Салцбург, каде што силите ќе ги одмерат освојувачот на Лигата на шампионите, ПСЖ, и победникот во Лига Европа, Астон Вила.
„Омар Артан е одличен млад, но веќе искусен судија, кој се докажа на највисокото натпреварувачко ниво на Конфедерацијата на Африканскиот фудбал. Фудбалот е направен за да ги поврзува луѓето, а УЕФА сака да ја покаже својата почит кон Омар и неговите извонредни судиски вештини, кои му ја донесоа толку престижната номинација. Му благодарам на мојот пријател, претседателот на КАФ, Патрис Мотсепе, за ентузијастичката поддршка на нашата иницијатива“, рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Со пофални зборови за сомалискиот судија се огласи и првиот човек на КАФ, Патрис Мотсепе:
„Омар Артан ги направи Сомалија и целиот народ на Африканскиот континент исклучително горди. Неговото добивање на наградата за машки судија на годината од CAF за 2025 година и неговото назначување за судија на Светското првенство во фудбал 2026 година се признание за неговите судиски способности од светска класа и меѓународното почитување што го ужива. Многу сум благодарен на мојот пријател, Александар Чеферин, што му овозможи на Омар Артан да го суди натпреварот од Суперкупот на УЕФА во 2026 година. Ова е голема чест за Омар Артан и за африканските судии, а воедно е и одличен пример за фудбал, кој ги зближува и обединува луѓето од Африка, Европа и од целиот свет“, рече Мотсепе.