Фудбалската федерација на Македонија, денеска се огласи за натпреварот помеѓу Шкендија Арачиново и Струга во кој гостите славеа победа со 2-0.
Причина за реакција е пеналот во 24-тата минута кој беше досуден по реакција на ВАР. Од ФФМ истакнуваат дека и покрај реакциите на домашниот табор пеналот бил исправно досуден.
„Имено, напаѓачот со бр. 9 од екипата на ФК Струга Трим Лум е недозволено и неспортски, под прекршок со влечење и задржување е спречен да продолжи со акцијата кога топката е додадена од негов соиграч во ситуација кога истиот е во очигледна шанса непречено да постигне гол. Доколку напаѓачот не е под очигледен прекршок би стигнал прв до топката и би стекнал јасна предност пред одбранбениот играч со бр. 3 на домашната екипа, кој веќе нема можност да игра со топката, задоцнува во одбраната, па со прекршок со двете раце го влече и задржува противничкиот напаѓач со што го спречува во очигледна шанса за постигнување погодок.
Главниот судија и покрај очигледниот прекршок, првично не реагира и дозволува играта да продолжи. ВАР судиите правилно го отвораат ВАР Протоколот и влегуваат во проверка на оваа ситуација, по што правилно интервенираат и препорачуваат преглед на снимка на терен (OFR) за можен прекршок за казнен удар и дисциплинска мерка директен црвен картон за спречување очигледна шанса за гол (DOGSO).
Главниот судија по извршен преглед на ситуацијата, правилно ја променува својата првична одлука, досудува казнен удар и му покажува директен црвен картон на одбранбениот играч.
Во оваа ситуација во целост е испочитуван ВАР протоколот и точно се применети критериумите од Правилата на фудбалската игра за прекршок за казнен удар и за спречување на очигледна шанса за гол“, стои во објаснувањето.
ФФМ исто така потенцира дека членови на домашната екипа вторпат сезонава влегле во соблекувалната и упатувал навреди кон сдуиите и официјалните лица.
„Воедно, укажуваме и ја известуваме јавноста дека домашната екипа ФК Шкендија Арачиново, по втор пат и на ист начин, неосновано и субјективно, преку преставниците на екипата и неслужбени лица, влегле во судиската соблекувална и неспортски, навредливо и вулгарно упатувале навреди кон судиите и официјални лица во Фудбалската федерација на Македонија, а инцидентот е записнички констатиран“, додава ФФМ.
Поради таквото однесување најавено е и дека ќе биде отворена соодветна дисциплинска постапка.
Ќе потсетиме, Шкендија денеска претходно реагираше истакнувајќи дека главниот судија на мечот, Влатко Илиоски го навредувал нивниот капитен, Бесир Демири.