Лина Ѓорческа утре од 12 часот (пренос на Арена Македонија) ќе го има својот прв настап на грен-слем турнир, таа со пласманот на Вимблдон испиша историја на македонскиот тенис.
Откако ги мина трите квалификациски кола, Ѓорческа се пласираше на главниот турнир на Вимблдон. За противничка ја доби шестата тенисерка во светот Аманда Анисимова од САД.
„Квалификациите минаа одлично. Отсекогаш знаев и верував дека сум блиску, а треба и да се склопат коцките, за да биде совршено. Секој меч беше тежок, сите што учествуваат се меѓу 200-те најдобри на светот во еден од најмасовните спортови и затоа нема лесен меч. Сепак би го издвоила вториот меч (против Франциска Жорге). Последниот меч го одиграв одлично, загубив три гема и навистина сум среќна и пред сè со тоа како се носев за време на мечот. За мојата противничка нема што многу да се каже, квалитетна и комплетна тенисерка, мојата единствена цел е да го одиграм своето. Мечот ќе се игра во вторник (утре). Знаете таа е ланска финалистка и шеста носителка и затоа мечот е на еден од „главните терени“. Се надевам дека ќе биде интересен меч и гледајте и навивајте од дома“, рече Лина Ѓорческа.
Мечот во директен пренос ќе може да го проследите на Арена М2 Премиум.