Тенис

Ѓоковиќ со пресврт во четвртфинале во Пекинг

Ѓоковиќ со пресврт во четвртфинале во Пекинг

Српскиот тенисер го совлада домашниот претставник Бу Јунчаокете во три сета и ја продолжи победничката серија на турнирот.

Новак Ѓоковиќ се пласираше во четвртфиналето на АТП турнирот во Пекинг, откако по голем пресврт го совлада домашниот тенисер Бу Јунчаокете со 4:6, 7:6(2), 6:2.

За Ѓоковиќ ова беше 31. победа во исто толку одиграни натпревари на турнирот во Пекинг, со што продолжи неговиот перфектен учинок на турнирот во Кина.

Бу подобро го започна мечот и во седмиот гем успеа да направи брејк, откако ја искористи четвртата брејк-топка. Потоа сигурно го одработи својот сервис и го освои првиот сет со 6:4.

Во вториот сет следуваше голема борба. Двајцата тенисери направија по еден брејк, а Ѓоковиќ во продолжението пропушти неколку можности за ново одземање на сервисот на противникот.

Србинот во еден момент побара и медицински тајм-аут поради проблеми со дишењето. Сепак, успеа да продолжи, а во тај-брејкот одигра одлично и со серија од 5:0 стигна до 7:2 и израмнување во сетови.

Во решавачкиот сет Ѓоковиќ целосно го презеде мечот. Направи два брејка на стартот и поведе со 3:0, а потоа во долг гем спаси две брејк-топки и стигна до 4:0.

До крајот искусниот Србин ја задржа предноста и со 6:2 го комплетираше пресвртот за пласман меѓу најдобрите осум во Пекинг.