Тенис

Ѓоковиќ го насмеа Леброн: Фрустрацијата ја истурам со српски пцовки, но сега сите ме разбираат

Ѓоковиќ го насмеа Леброн: Фрустрацијата ја истурам со српски пцовки, но сега сите ме разбираат

Новак Ѓоковиќ и Леброн Џејмс се сретнаа на Фанатикс Фест во Њујорк, каде што разговараа за контрола на фрустрацијата, пцовките и пензионирањето. Ѓоковиќ истакна дека по 20 години српските пцовки повеќе не се тајна, а Леброн објасни дека во кошарката постои треш-ток, но поинаку.

Новак Ѓоковиќ ноќта ја помина во друштво на повеќе спортски легенди, меѓу кои и Леброн Џејмс, на Фанатикс Фест во Њујорк. Двајцата мајстори на своите спортови, кои се на залез на кариерите, имаа што да кажат на заедничката емисија.

Едно од прашањата за Ѓоковиќ се однесуваше на тоа како ја искажува фрустрацијата кога сите очи и камери се насочени кон него. „Тоа е емоционален ролеркостер. Микрофоните се насекаде, веќе не можеш ни да пцуеш. Јас тоа го правам на српски веќе 20 години, но одеднаш сите го разбираат мојот јазик. Сега добивам казни и предупредувања, но тоа е мојот начин да ја исфрлам фрустрацијата и да го вратам фокусот“, рече Новак, предизвикувајќи смеа кај Леброн и присутните.

Леброн, од своја страна, објасни дека на теренот работите одат поинаку. „Ние сме на терен, има многу пцовки, треш-ток, но немаме вакви ситуации како во тенисот“, рече Џејмс.

Двајцата зборуваа и за пензионирањето. „За мене е фантастично да слушам легенди од минатото, да видам колку го почитуваат спортот и како се справуваат со животот по кариерата. Јас сè уште чувствувам дека можам да се натпреварувам на највисоко ниво, а резултатите го потврдуваат тоа. Можам да останам активен уште некое време, но тој момент се приближува. Нема сомнеж, поблиску е од кога било“, рече Новак.

Леброн додаде дека со таа одлука нема да брза и одговори на прашањето на Ѓоковиќ за тоа што го мотивира. „Тоа е одлично прашање. Децата што ме гледаат сè уште бараат свој суперхерој и сакаат да ги инспирирам. Тука е и моето семејство, сакам да бидам пример за синовите и ќерката. А пред сè, сè уште ја сакам оваа игра. Тоа е она што ме движи.“