Фудбал

Шпански тренер доживеа мозочен удар, итно е опериран

Шпански тренер доживеа мозочен удар, итно е опериран

Пепе Мел е сместен на интензивна нега во болница во Севиља, откако доживеал мозочен удар. Операцијата била успешно извршена, а лекарите внимателно ја следат неговата состојба.

Поранешниот тренер на Бетис, Рајо Ваљекано и Вест Бромвич, Пепе Мел, се наоѓа на интензивна нега во болница во Севиља, откако во неделата доживеал мозочен удар.

Шпанскиот стратег, кој има 63 години, бил итно опериран, а според информациите од Шпанија, интервенцијата поминала успешно. Тој и понатаму е под постојан лекарски надзор, додека се очекуваат дополнителни информации за неговата здравствена состојба.

Веста предизвика бројни реакции во фудбалскиот свет. Неговиот поранешен клуб Реал Мадрид, каде што Мел бил дел од младинската академија од 1974 до 1987 година, му испрати порака со поддршка.

„Сите во Реал Мадрид му испраќаат поддршка и најтопли чувства на нашиот драг Пепе Мел. Се надеваме дека наскоро ќе го надмине овој тежок период. Држи се!“, објави мадридскиот клуб.

Поддршка пристигна и од Бетис, Рајо Ваљекано, Лас Палмас, Малага и други клубови кои ги предводеше во текот на тренерската кариера.

Мел остави најдлабока трага во Бетис, со кој двапати избори пласман во шпанската Примера, во сезоните 2010/11 и 2014/15. Во својата кариера ги предводеше и Алавес, Рајо Ваљекано, Депортиво Ла Коруња, Лас Палмас, Малага, Алмерија, а работеше и во Англија, Грција и Мароко.

Неговиот последен ангажман беше во мароканскиот Итихад Тангер, од кој се раздели во март 2026 година. Фудбалската јавност сега со надеж ги очекува следните информации за неговото закрепнување.