Фудбалскиот сојуз на Аргентина (АФА) е во центарот на скандал со перење пари од над 300 милиони долари и обвинувања за сексуална злоупотреба на малолетнички.
Фудбалскиот свет го потресува невиден скандал во кој централна улога има Фудбалскиот сојуз на Аргентина (АФА) на чело со претседателот Клаудио „Чики“ Тапија. Додека навивачите славеа историски успеси на „Гаучосите“ и магијата на Лионел Меси, зад сцената се одвивала најмрачна приказна достојна за холивудски трилер.
Сè започнало пред неколку години со случајот на Диего Гуечи, тогашен селектор на младите женски репрезентации на Аргентина (девојчиња од 15 до 17 години). Пет малолетни фудбалерки преку светскиот синдикат на фудбалери (ФИФПро) поднеле тужба до Етичкиот комитет на ФИФА поради психолошка и сексуална злоупотреба. Гуечи барал од нив да му испраќаат интимни фотографии и им испраќал пораки дека е возбуден.
Наместо казна и затвор, следувала срамна одлука на ФИФА. Иако основен услов на девојчињата била апсолутна анонимност поради страв од одмазда, ФИФА по повеќемесечно одолговлекување одлучила дека „доказите се недоволни“, го ослободила Гуечи од спортска казна и – јавно ги открила имињата на сите девојки што сведочеле. Нивните кариери и животи биле уништени, додека Гуечи продолжил да работи без санкции.
Вистинскиот финансиски земјотрес настанал за време на Светското првенство во Катар 2022 година. Девет дена пред големото финале, претседателот на сојузот „Чики“ Тапија во тајност потпишал договор со компанијата „Тур Проведор“ од Мајами, основана само три месеци порано. Оваа фирма добила ексклузивни права на сите приходи на Аргентина од странство (ТВ права, спонзорства, награди).
Наместо ФИФА да уплати 42 милиони долари награда за титулата светски првак на сметка на АФА, парите отишле директно на сметките на новооснованата фирма на Флорида. Компанијата земала 30% провизија од секој договор, а потоа следел класичен систем на перење пари преку фиктивни фирми. Преку 14,7 милиони долари биле префрлени на сметки на компании што ги водат анонимни луѓе од аргентинскиот град.