Фудбал

Шкотска во тага: Почина поранешен репрезентативец кој ѝ даде гол на Англија на „Вембли“

Шкотска во тага: Почина поранешен репрезентативец кој ѝ даде гол на Англија на „Вембли“

Поранешниот шкотски репрезентативец почина на 82-годишна возраст, оставајќи зад себе богата кариера во англискиот фудбал.

Фудбалскиот свет се прости од Хју Куран, поранешниот шкотски репрезентативец и еден од најпознатите голгетери на Вулверхемптон од крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години. Куран почина на 82-годишна возраст, а веста ја потврди Вулверхемптон.

Куран во дресот на Вулверхемптон настапуваше од 1969 до 1972 година и запиша 98 натпревари, на кои постигна 47 голови. Со своите настапи и голови остави силен впечаток кај навивачите на клубот од „Молино“.

Пред да пристигне во Вулверхемптон, Куран играше за Милвол и Норич Сити, каде исто така имаше одлична голгетерска статистика. За Милвол постигна 26 голови на 57 првенствени натпревари, додека во дресот на Норич реализираше 46 пати на 112 лигашки настапи.

Во Вулверхемптон пристигна во јануари 1969 година за трансфер вреден 60.000 фунти. Веднаш ја покажа својата вредност и во првата целосна сезона во англиската Прва дивизија беше најдобар стрелец на Вулверхемптон со 23 голови. Следната сезона постигна уште 20 погодоци.

Куран имаше и репрезентативна кариера. За Шкотска одигра пет натпревари во периодот од 1969 до 1971 година, а својот единствен гол за националниот тим го постигна против Англија на „Вембли“ во мај 1971 година.

По заминувањето од Вулверхемптон, шкотскиот напаѓач продолжи во Оксфорд Јунајтед, каде што имаше две успешни сезони, а потоа настапуваше и за Болтон. Во 1977 година повторно се врати во Оксфорд, каде што во 1979 година ја заврши професионалната кариера поради повреда.

Куран во текот на кариерата запиша вкупно 412 настапи во англиската лига и постигна 168 голови.