Тетовскиот тим освои три бода на незгодното гостување кај Скопје и се врати на првото место на табелата.
Шкендија се врати на врвот на табелата во Првата македонска лига, откако ја совлада екипата на Скопје на гостувањето во Автокоманда во 10. коло. На крајот тетовскиот тим славеше триумф со 3:1 и остана непоразена на гостувањата во оваа сезона.
Уште на стартот Шкендија покажа дека е дојдена во Автокоманда за триумф. Во 2. минута Красниќи најдобро се снајде во шесенаесетникот и го совлада Наумовски за предност.
Скопје не се ослободи од „шокот“, а веќе прими и втор гол. Топка до Димоски, кој излезе сам пред Наумоски и ја „закова“ топката во горниот дел од мрежата, а ВАР судиите потврдија дека се беше чисто при овој погодок, по што Шкендија во раната фаза од мечот, во 9. минута стигна до солидна предност.
И потоа тетовскиот тим му ја препушти иницијативата на противникот, а тоа беше крунисано со намалување на водството на 1:2 о 44. минута од средбата. По изведен корнер и блок на одбраната на Шкендија, топката стигна до Ангелов кој успеа со удар од прва да го совлада Гаје и да донесе 1:2.
Само што почна вториот дел, Тамба речиси ги реши сите дилеми и го донесе гостинскиот тим повторно на два гола разлика. Нафрлување од левата страна на Красниќи, а Тамба во 52. минута со глава го совлада Наумовски.
Потоа падна со играта тимот на Скопје, а Шкендија можеше да постигне и четврти гол, меѓутоа Бесарт Ибраими во 74. минута промаши пенал, шутирајќи само крај десниот дирек од голот на Наумовски.
Ангелов во финишот имаше можност да донесе за Скопје намалување на предноста, меѓутоа го промаши целиот гол, односно неговиот обид заврши само над пречката.