Лиријан Џеладини и Анес Абдурахмани направија важен чекор во своите кариери, потпишувајќи ги првите професионални договори со тетовскиот клуб.
Шкендија продолжува да вложува во младите фудбалери од сопствената школа. Тетовскиот клуб потпиша професионални договори со Лиријан Џеладини и Анес Абдурахмани, кои на тој начин направија значаен чекор во своите кариери.
Џеладини игра во средниот ред, додека Абдурахмани настапува на позицијата лев бек. Двајцата фудбалери се дел од младинската школа на „црвено-црните“, а потпишувањето на професионалните договори претставува потврда за нивниот напредок и можност за понатамошно докажување во клупската средина.
За младите играчи, договорите со Шкендија се важен поттик за продолжување на нивниот развој и стремежот еден ден да се наметнат во првиот тим на тетовскиот прволигаш.
Со овој потег, Шкендија ја потврдува својата определба да им дава можност на талентираните фудбалери од сопствената академија и да создава основа за иднината на клубот.
„Многу сум среќен за овој чекор и благодарен за довербата од клубот. Договорот е дополнителна мотивација да продолжам да работам со посветеност, да се подобрувам секој ден и да го давам најдоброто од себе за црвено-црниот дрес “, вели Џеладини.
„Овие договори се дополнителна мотивација за нас кои пораснавме во школата на Шкендија. Ќе продолжиме да работиме напорно, да напредуваме како фудбалери и да ја наградуваме довербата на клубот со најдобри можни настапи“, вели Абдурахмани.