Руити Ага беше позитивна на забранета супстанција по победата на полумаратон во Кина, а дополнителната казна ја доби поради обид да ја доведе во заблуда антидопинг истрагата.
Една од најдобрите светски маратонки, Етиопјанката Руити Ага, е суспендирана на шест години поради допинг и обид за манипулација со антидопинг постапката, откако истражителите утврдиле дека доставила лажен лекарски рецепт за да го оправда позитивниот тест.
Триесет и двегодишната атлетичарка беше позитивна на метилпреднизолон, забранета супстанција која била откриена по нејзината победа на полумаратонот Меишан Реншоу во Кина, на 15 март 2026 година.
Ага тврдела дека супстанцијата ја користела по препорака на лекар од Етиопија за лекување на болки во коленото. Меѓутоа, истрагата на Единицата за интегритет во атлетиката (AIU) открила сериозни неправилности во документацијата што ја доставила.
Според наодите на истражителите, здравствената установа наведена во рецептот воопшто не постои, а документот бил потпишан од член на нејзиното семејство кој не е регистриран лекар.
Покрај двегодишната суспензија за употреба на забранетата супстанција, Ага доби дополнителни четири години казна поради манипулација со антидопинг постапката. Таа не одговорила на обвиненијата, поради што санкцијата била изречена без сослушување.
Суспензијата е во сила од 10 септември 2026 година, кога атлетичарката првично беше привремено суспендирана.
Руити Ага е едно од познатите имиња во светскиот маратон. Во 2019 година победи на маратонот во Токио, а има и повеќе пласмани на победничкиот подиум на големите светски маратони во Берлин и Њујорк.
Случајот претставува сериозен удар за кариерата на етиопската атлетичарка, која поради шестгодишната казна ќе мора да направи долга пауза од натпреварувањата.