Ракомет

Чупиќ пред мечот со Мелсунген: Треба да покажеме дека Вардар е подготвен за ЛШ

Чупиќ пред мечот со Мелсунген: Треба да покажеме дека Вардар е подготвен за ЛШ

„Црвено-црните“ по пет години повторно се дел од европската елита, а првиот предизвик ќе биде гостувањето кај Мелсунген

По пауза од пет години, Вардар повторно ќе ја почувствува атмосферата на Лигата на шампионите. Европската авантура на македонскиот шампион ќе започне во четврток, со гостување кај германскиот Мелсунген во рамките на првото коло од групата Б.

Натпреварот ќе се игра во Касел со почеток од 20:45 часот, а „црвено-црните“ ги очекува исклучително тежок старт против добро познат противник.

Вардар и Мелсунген се сретнаа двапати минатата сезона во Европската лига, но тренерот на македонскиот тим Иван Чупиќ смета дека претстојниот дуел ќе биде сосема поинаков.

Германскиот состав сега е во комплетен состав, додека Вардар има одредени проблеми со повредени ракометари и неизвесно е со колкав ростер ќе настапи во Касел.

„Ова е сосема друго натпреварување и друг дел од сезоната. Минатата сезона Мелсунген имаше доволно бодови, а во тој период имаше и многу повредени играчи. Сега се комплетни, а ова е и отворање на Лигата на шампионите, па очекувам сосема поинаков натпревар“, изјави Чупиќ.

Предводникот на Вардар признава дека неговиот тим не е во идеална ситуација пред првиот европски натпревар.

„Не се сите ракометари здрави и имаме одредени проблеми. Тешко дека на почетокот ќе можеме да настапиме со поширок состав. Го имаме тоа што го имаме, а потоа ќе видиме како ќе се развиваат работите“, додаде тој.

Чупиќ не крие дека посакува позитивен старт и потенцира дека единствено победа би го задоволила.

„Секако дека би бил задоволен со победа. Со што друго би можел да бидам задоволен?“, порача тренерот на Вардар.

Тој воедно истакна дека актуелниот состав на Вардар нема големо искуство во Лигата на шампионите, но верува дека тоа не треба да биде пречка за неговите избраници.

„Вардар е млада екипа, условно кажано. Во составот нема многу ракометари со искуство од настапи во Лигата на шампионите. Можеби само двајца или тројца имаат такво искуство, но не треба премногу да зборуваме за тоа. Нормално е Мелсунген да ја има фаворитската улога, но тие ќе треба да го покажат тоа на теренот. Ние, пак, треба да покажеме дека сме подготвени за Лигата на шампионите и за еден сериозен натпревар“, изјави Чупиќ.“, смета Чупиќ.