Фудбал

Клуб од град со помалку од 600 жители освои шампионска титула! (ВИДЕО)

Клуб од град со помалку од 600 жители освои шампионска титула! (ВИДЕО)

Вистинска фудбалска бајка е испишана на Фарските Острови, каде што Рунавиќ едно коло пред крајот на првенството ја обезбеди шампионската титула, прва по пауза од дури 19 години.

Она што го прави овој успех уште поневеројатен е фактот дека клубот доаѓа од истоименото место кое брои само 562 жители. На Рунавиќ му беше потребен само бод против ХБ Торшавн за да ја осигура титулата, но работите не тргнаа според планот.

Гостите поведоа со 0:1 во 60. минута и се чинеше дека одлуката за шампионот ќе биде одложена за последното коло. Сепак, во 83. минута на сцена стапи Пејтур Кнудсен, кој постигна гол за 1-1 и предизвика огромно славје меѓу домашните навивачи.

Рунавиќ последен пат беше шампион на Фарските Острови во 2007 година. Во меѓувреме, на тронот се менуваа Стрејмур, ХБ Торшавн, Б36 Торшавн, Викингур и Клаксвик, но оваа сезона титулата повторно се врати во Рунавиќ.

Интересна е и приказната за Мариус Линд, фудбалер на новиот шампион кој нема дел од десната рака, но тоа не го спречило да изгради фудбалска кариера. Линд годинава беше стрелец и во европскиот успех на својот клуб против словенечки Копер во квалификациите за Конференциската лига.

Со освојувањето на шампионската титула, Рунавиќ обезбеди настап во квалификациите за Лигата на шампионите следната сезона. Таму ќе се обиде да направи уште еден историски подвиг и за првпат да избори пласман во лигашката фаза на некое европско натпреварување.