Фудбал

Чуамени, после неколку месеци ја „отвори душата“ за тепачката со Валверде

Чуамени, после неколку месеци ја „отвори душата“ за тепачката со Валверде

Проблемот меѓу двајцата играчи предизвика големо внимание во јавноста, но францускиот фудбалер тврди дека нивниот конфликт не прераснал во физичка пресметка и дека денес нивните односи се нормални.

Орелиен Чуамени повторно се осврна на инцидентот со соиграчот Федерико Валверде, кој предизвика големи потреси во соблекувалната на Реал Мадрид на крајот од минатата сезона.

Францускиот репрезентативец призна дека се случила непријатна ситуација, но ги отфрли тврдењата дека двајцата играчи се степале.

„Луѓето многу зборуваат, но немаше никаква тепачка меѓу Валверде и мене. Вистина е дека во соблекувалната понекогаш се случуваат одредени работи, но никогаш не сме се степале. Имаше провокации и слични ситуации, но никогаш не сум го удрил Валверде. Вистина е дека се случи нешто грдо“, порача Чуамени.

Французинот смета дека целата приказна добила многу поголеми размери поради вниманието што го привлекува Реал Мадрид, каде што и најмалите инциденти брзо стануваат главна тема во спортските медиуми.

„Единствениот проблем е што станува збор за Реал Мадрид и секоја работа, колку и да е мала, станува огромна и добива неверојатни медиумски размери. Нешто што не морало да биде проблем на крајот станува проблем“, објасни играчот од средниот ред.

Чуамени откри и дека по објавувањето на информациите добил голем број повици од луѓе кои сакале да дознаат што навистина се случило. Поради тоа, како што вели, морал да биде внимателен во комуникацијата и да ги смирува оние кои се загрижиле за ситуацијата.

Најважно од сè, според него, е дека конфликтот е минато и дека меѓу двајцата фудбалери повеќе нема никакви проблеми.

„Ако денес влезете во соблекувалната, ќе видите дека Валверде и јас сме добро и дека меѓу нас нема проблеми. Нема проблеми ниту на теренот, животот продолжува. Всушност, ваквите работи понекогаш можат уште повеќе да ве зближат. Добро сме и немаме никаков проблем“, заклучи Чуамени.