Фудбал

Чеферин и УЕФА поставиле ултиматум до Инфантино: Нема одложување, имаш две недели да одговориш

Чеферин и УЕФА поставиле ултиматум до Инфантино: Нема одложување, имаш две недели да одговориш

Европската фудбалска унија (УЕФА) ѝ поставила рок на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) до 20 ноември да ја објави целокупната документација и да одговори на сите прашања поврзани со процесот на донесување одлуки.

На состанокот на Советот на ФИФА вчера, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, уште еднаш се извинил поради планот за продажба на акции поврзани со Светското првенство на приватни инвеститори, но не понудил никакви објаснувања за самиот план.

УЕФА реагираше со писмо упатено до Инфантино, потпишано од генералниот секретар на организацијата, Теодор Теодоридис. Во писмото се наведува дека ФИФА не одговорила на бројни суштински прашања.

Писмото е исклучително обемно и содржи осум страници со прашања на кои УЕФА очекува одговори во рок од две недели, односно до 2 ноември. Прашањата се однесуваат на планот за продажба на акции поврзани со Светското првенство, познат како „ФИФА Форвард Ентерпрајз, доделувањето на наградата за мир на ФИФА, како и укинувањето на автоматската суспензија на Фоларин Балогун за време на Светското првенство.

„Повлекувањето на планот, јавното признавање на грешката и најавата за потенцијални реформи во системот на управување на ФИФА не претставуваат соодветни и задоволителни одговори на прашањата за тоа како биле донесени одлуките и зошто Советот на ФИФА не бил вклучен во процесот во соодветната фаза“, се наведува, меѓу другото, во писмото.

„Секое одбивање да се откријат информации или документација мора да биде поединечно образложено, со јасно наведување на конкретните основи врз кои се темели таквото одбивање. Одговорите на овие прашања ги очекуваме веднаш. Не е можно сето ова да се одложува до следниот состанок на Советот на ФИФА. Идните реформи во управувањето, исто така, не можат да бидат замена за преиспитување на веќе донесените одлуки, ниту за утврдување на одговорноста за нив“, се истакнува во писмото.

УЕФА засега не прецизираше какви чекори планира да преземе доколку ФИФА не го испочитува поставениот рок.