Тренерот на Пелистер, Лино Червар, е разочаран од изданието на неговите ракометари на вчерашниот натпревар против Ла Риоха кој битолчани убедливо го загубија со 24-31.
Тој не ја крие разочараноста од дел на играчите, има пофалби за противничките ракометари, а остар е кон своите. Вели дека е тажно да се загуби на таков начин пред атмосфера каква што има во Битола.
„Шпанците беа подобра екипа од нас. Станува збор за школуван и добро воигран тим, додека ние едноставно разочаравме. Искрено ми е жал поради тоа. Изненаден сум што паднавме без испукан куршум. Одбраната ни беше слаба, примавме лесни голови и немавме решение за нивната игра“, изјави Червар.
„Можеби играчите од кои очекувавме повеќе не го дадоа потребниот придонес. Би искористил една изрека – едно расипано јаболко може да ја уништи целата гајба јаболка. Таа несигурност се пренесе на целиот тим кога оние што требаше да ја преземат одговорноста не го направија тоа. Бевме исплашени и неконцентрирани“.
„Го разбранивме нивниот голман. Дваесет одбрани во ракометот се навистина многу и тоа доволно говори за нашата реализација. Жал ми е за луѓето и за публиката. Да имаш таква поддршка од трибините, а да одиграш ваков натпревар, навистина е тажно“.
„Можеш да загубиш натпревар, тоа е спорт. Но важно е како ќе загубиш. Ако противникот е подобар, а ти се бориш до крај, тогаш му подаваш рака и му честиташ. Ние не заслуживме ништо повеќе од пораз. Во второто полувреме морав да прибегнам кон игра што не ја сакам, но бевме во ситуација во која баравме било каква шанса да се вратиме. Искрено, поразот можеше да биде и поубедлив“.
„Мораше и требаше да одиграме многу подобро. Разочаравме. Се надевам дека ќе научиме од грешките, бидејќи понекогаш токму тие се најдобриот учител. Ќе има уште многу натпревари, но вакви изданија не смеат да ни се повторуваат. Сè ќе анализираме заеднички и ќе се обидеме да извлечеме поуки за иднината“.