Кошарка

Црвена Звезда донесе засилување од НБА Лигата

Црвена Звезда донесе засилување од НБА Лигата

Камерунскиот центар со искуство од Торонто, Лос Анџелес лејкерс и Мемфис за првпат во кариерата ќе игра во Европа.

Црвена звезда официјално го потврди ангажманот на Кристијан Колоко, 26-годишниот центар кој зад себе има настапи во НБА-лигата. Белградскиот клуб доби засилување под кошевите, со кое ќе се обиде да ја подобри играта во рекетот и дефанзивната цврстина на екипата.

Колоко доаѓа во Белград по настапите во најсилната кошаркарска лига во светот, каде што ги носеше дресовите на Торонто, Лос Анџелес Лејкерс и Мемфис, а беше дел и од организациите на Сан Антонио и Атланта, вклучувајќи ги и нивните развојни тимови во Г-лигата.

Камерунскиот кошаркар е висок 211 сантиметри, а неговиот распон на рацете достигнува речиси 230 сантиметри. Токму физичките предиспозиции, подвижноста и способноста за блокади се меѓу неговите најголеми квалитети.

Колоко се истакна уште за време на студиите на Универзитетот Аризона, каде што беше прогласен за најдобар дефанзивец во конференцијата ПАК-12. Освен во заштитата на обрачот, тој може да помогне и при скоковите, а неговата подвижност му овозможува да презема одговорност и против пониски противнички играчи.

На НБА-драфтот во 2022 година, Торонто го избра во втората рунда, како 33. пик. По искуството во САД, Колоко сега ќе го направи првиот чекор во европската кошарка, избирајќи ја Црвена звезда и покрај интересот од повеќе евролигашки клубови.

Неговото пристигнување е особено важно за белградскиот состав поради проблемите со повредите на центрите Џонатан Мотли и Ебука Изунду на почетокот од сезоната. Со Колоко, тренерот Ибон Наваро добива уште една опција во рекетот и дополнителна длабочина во ростерот.