Навивачките инциденти на вечното дерби скапо ги чинеа двата белградски клуба, а Црвена звезда доби и забрана за присуство на навивачи на пет гостувања.
Црвена звезда и Партизан добија сериозни казни од Евролигата по случувањата на дуелот од седмото коло, одигран на 22 октомври во „Белградската арена“.
Потешко помина Звезда, која е казнета со 115.000 евра и забрана за присуство на навивачи на следните пет гостински натпревари. Така, тимот ќе мора без поддршка од трибините да игра против Олимпијакос, Реал Мадрид, Армани, Барселона и Фенербахче.
Одлуката на Дисциплинската комисија се однесува на повеќе инциденти, меѓу кои загрозување на безбедноста на присутните, навреди, употреба на ласери, фрлање предмети на теренот и влегување на паркетот.
Ниту Партизан не помина без казна. Бидејќи беше домаќин на дербито, клубот од Евролигата доби парична казна од 49.000 евра за употреба на пиротехника и ласери, навредливо однесување на навивачите, фрлање предмети и безбедносни пропусти.
Дополнително, Партизан доби условна казна за ограничување на капацитетот на салата во сезоната 2026/27, која би стапила на сила при повторување на одреден прекршок.
Taка двата најголеми белградски ривали ќе мора да платат вкупно 164.000 евра, а Звезда ја очекува и сериозен хендикеп на гостувањата.