Кошарка

Црвена Звезда го „прегази“ Баерн Минхен

Црвена Звезда го „прегази“ Баерн Минхен

Белградскиот тим славеше со убедливи 103-73, а новиот центар за само 13 минути и 42 секунди на паркетот забележа пет блокади и го израмни најдобриот учинок во Евролигата сезонава.

Кошаркарите на Црвена звезда продолжуваат со одличните настапи во Евролигата, откако во Белград убедливо го совладаа Баерн Минхен со 103-73. „Црвено-белите“ уште еднаш ја покажаа својата офанзивна моќ, а натпреварот го одбележа и новото засилување Кристијан Колоко, кој имаше фантастично дефанзивно издание.

Камерунскиот центар за само 13 минути и 42 секунди на теренот запиша пет блокади, со што го израмни најдобриот индивидуален учинок во оваа статистичка категорија во досегашниот тек на сезоната во Евролигата. Покрај тоа, Колоко постигна 12 поени, имаше два скока и две украдени топки, уште еднаш демонстрирајќи колку може да биде значаен за одбраната на белградскиот тим.

Звезда го контролираше натпреварот од самиот почеток. По првата четвртина имаше предност од 19-15, а во вториот период целосно го надигра противникот и на паузата замина со убедливи 48-31. Домаќините продолжија во ист ритам и во второто полувреме, не дозволувајќи му на Баерн да се врати во натпреварот.

Најдобар поединец во победничкиот состав беше Чима Монеке со 15 поени, пет скока и пет асистенции, додека Дуан Вашингтон Џуниор постигна 16 поени. Кај Баерн, Мајлс Норис беше меѓу најефикасните со шест скока, но германскиот тим немаше одговор за расположениот домаќин.