Фудбал

Цели шест децении тажна приказна: Чекањето на Англија низ бројки

Цели шест децении тажна приказна: Чекањето на Англија низ бројки

И 60 години потоа, Англичаните и натаму чекаат на трофеј на Светските првенства.

Кога Англија на 30. јули 1966 година на скалите на Вембли го подигна тогашниот трофеј „Жил Риме“, никој не веруваше дека и 60 години подоцна, екипата уште ќе чека на пехарот од Светските првенства. Чекањето беше продолжено на уште четири години синоќа, кога избраниците на Томас Тухел загубија од Аргентина во полуфиналето и тоа со пресврт 2-1.

Во шесте децении единствена титула на Англија, фудбалот се промени, Велика Британија се промени, светот се промени.

Ова се бројките кои раскажуваат за оваа тажна приказна:

Откако Англија ја победи Западна Германија со 4-2 по продолженија во финалето во 1966 година, 454 играчи го имаа своето деби за националниот тим. Првиот беше Џон Холинс, кој стана 847-миот играч на Англија во тој момент. Најновиот дебитант за англиската селекција е играчот на Ливерпул, Рио Нгумоа, кој стана 1300-тиот играч кој ја претставуваше Англија. Своето деби го имаше во јуни во победата над Нов Зеланд.

161 различен играч ја претставувале Англија на Светските првенства од 1970 година – од членови на победничкиот состав на Алф Ремзи до најновата генерација која доживеа очаен неуспех.

Седум селекторски имиња на Англија се обидоа да го повторат подвигот на Ремзи. Рон Гринвуд, Боби Робсон, Глен Ходл, Свен-Горан Ериксон, Фабио Капело, Гарет Саутгејт и Томас Тухел, сите ја предводеа Англија до Светското првенство, секој со надеж дека ќе го заврши чекањето.

Англија учествувала на 12 од 15-те Светски првенства од 1966 година, но не успеала никогаш да се пласира во финалето.

Тука спаѓаат пропуштеното водство од 2-0 против Западна Германија во 1970 година, „Божјата рака“ и „Голот на векот“ на Диего Марадона во 1986 година, солзите на Пол Гаскоњ во полуфиналето во 1990 година, црвениот картон на Бекам против Аргентина во 1998 година, познатиот слободен удар на Роналдињо во 2002 година, поништениот гол на Френк Лампард во 2010 година, промашениот пенал на Кејн против Франција во 2022 година и драматичниот камбек на Аргентина во Атланта.

Откако го освоија своето прво полуфинале на Светското првенство во 1966 година, Англија ги загуби следните три – во 1990, 2018 и 2026 година.

Само двапати овој век некоја екипа повела во полуфинале на Светско првенство, а потоа загубила. И двата пати тоа беше Англија – против Хрватска во 2018 година и против Аргентина во 2026 година.

Германија (вклучувајќи ја и Западна Германија) и Аргентина ја елиминираа Англија од Светското првенство по три пати од 1966 година.

Пеналите исто така станаа лоша приказна за Англија на Мундијалите. Крис Водл и Стјуарт Пирс промашија од 11 метри кога Западна Германија ги прекина надежите на Англија да стигне до полуфиналето во 1990 година. На исклучувањето на Бекам му претходеше пораз од Аргентина по изведувањето на пенали во 1998 година, иако тој го реализираше победничкиот пенал против истиот противник четири години подоцна.

Дури и неофицијалната фудбалска химна на земјата остаре. Кога „Три лава“ беше објавена пред Евро 1996, нејзиниот познат рефрен оплакуваше „30 години болка“. Поминаа уште 30 години од тогаш.

Сега ќе поминат уште најмалку четири години до нова шанса за трофеј на Англичаните. И до тогаш селекцијата ќе има многу промени, а дали тоа ќе биде доволно за конечно, трофејот да „замине дома“?