Ракомет

Хориха со емотивна порака: Македонија направи да се чувствувам како дома — ова е огромна одговорност!

Хориха со емотивна порака: Македонија направи да се чувствувам како дома — ова е огромна одговорност!

Дмитро Хориха, поранешниот ракометар на Вардар, а сега член на унгарски ПИК Сегед, ќе биде нов репрезентативец на Македонија. Одлуката денеска ја потврдија селекторот Кире Лазаров и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, а Хориха подоцна се огласи и со првата изјава.

Украинскиот ракометар не ги криеше емоциите и во својата изјава и изрази благодарност за укажаната доверба.

„Уште од моите први денови тука, Македонија направи да се чувствувам како дома. И во поразите и во победите, во секој момент од ова патување ја чувствував поддршката од луѓето од сите краишта на земјата. За тоа, сакам од срце да му се заблагодарам на секој од вас“, порача Хориха.

Тој истакна дека настапите за македонската репрезентација претставуваат голем чекор во неговиот живот, но и одговорност што ја прифаќа со гордост и благодарност.

„Ова е огромна одговорност, нов предизвик и ново поглавје што го прифаќам со голема гордост и благодарност. Знам дека пред мене стојат многу нови искуства, предизвици и одлуки, кои ќе бараат уште поголема сила, карактер и чувство на одговорност“, истакна ракометарот.

Хориха во пораката се потсети и на сите подеми и падови што ги доживеал во Македонија, посочувајќи дека токму овие моменти му помогнале да ја разбере вистинската вредност на поддршката.

„Во животот на секој спортист доаѓа момент кога е време да направи чекор напред, да прифати нов предизвик и да преземе уште поголема одговорност. За мене, тој момент дојде денес. Ти благодарам, Македонијо, за довербата, за љубовта и за тоа што стана многу повеќе од само една земја за мене“, порача Хориха.

Се очекува новиот македонски репрезентативец да биде дел од составот на селекторот Кире Лазаров за квалификациите за Европското првенство, во кои Македонија ќе се соочи со селекциите на Луксембург, Шведска и Грција.