Фудбалерите на Фросиноне и Сасуоло одиграа интересен и возбудлив натпревар во Серија А во кој на крајот како победник излезе домашниот состав славејќи со 4-2.
Фросиноне одлично го отвори мечот и поведе уште во деветтата минута со голот на Гало. Сепак, гостите брзо одговорија, па искусниот Доменико Берарди во 15. минута го израмни резултатот на 1-1.
Возбудувањата продолжија и во следните минути. Фросиноне повторно ја затресе мрежата на противникот преку Кверандѕе, но погодокот беше поништен поради офсајд. Тоа не ги спречи домаќините да продолжат со нападите, а во центарот на вниманието се најде Раимондо.
Голгетерот блесна во завршницата од првото полувреме, постигнувајќи два гола во само четири минути, во 26. и 30. минута, за водство од 3-1. Сасуоло, сепак, не се предаде, па Товерд пред паузата ја намали негативата на 3-2 и ја врати неизвесноста во натпреварот.
За разлика од првиот дел, продолжението донесе помалку возбудувања, а конечниот епилог беше решен во 57. минута. Раимондо уште еднаш се запиша во листата на стрелци, комплетирајќи хет-трик и поставувајќи го конечниот резултат од 4-2.
Со оваа победа Фросиноне ја продолжи одличната серија на почетокот од сезоната и се искачи на петтата позиција на табелата со 13 освоени бодови. Сасуоло, пак, останува на 11. место со пет бода помалку од својот противник.