Официјалната страница на „Златната топка“ пред вечерашното доделување објави три статии во кои за освојувачи на наградата беа прогласени Хари Кејн, Килијан Мбапе и Ламин Јамал. Текстовите набргу беа отстранети, а организаторите, според пишувањата на британските медиуми, покренале истрага.
„Франс Фудбал“, организаторот на наградата, на официјалната страница на „Златната топка“ објави три одделни текстови, по еден за секој од тројцата фудбалери, во кои секој од нив беше прогласен за победник. Статиите ги забележале корисници на социјалните мрежи, а за нив објави „Атлетик“ и „Марка“.
Според пишувањето на „Марка“, сите текстови се однесувале на статистиката на играчите од минатата сезона и на нивните кариери до освојувањето на наградата за најдобар фудбалер за сезоната 2025/26. Во текстот за Мбапе, како што пренесува „Марка“ било наведено дека рекордното Светско првенство по бројот на постигнати голови и новата голгетерска серија за Реал Мадрид му ја донеле првата „Златна топка“. Во статијата посветена на Јамал било наведено дека, на само 19 години, тој станал најмладиот добитник во историјата на наградата, која се доделува од 1956 година.
Насловот на текстот за Кејн, чија снимка од екранот ја објави „Атлетик“, гласел: „Хари Кејн ја освои Златната топка во 2026 година: Ова се најдобрите и најважните голови од сезоната во која постигна 61 гол“.
Сите три статии набргу биле отстранети, а на нивните интернет-адреси сега се појавува порака дека страницата не постои.
Победникот на „Златната топка“ ќе биде познат вечерва на церемонијата во Лондон, а прогласувањето се очекува околу 23 часот.