Проблемите околу судиите и нивните барања за повисоки надоместоци го доведоа во прашање почетокот на новата сезона во регионалното натпреварување.
Почетокот на новата сезона во АБА-лигата е одложен поради проблемите околу обезбедувањето судии за натпреварите. Првото коло требаше да започне во петок, но клубовите веќе добија информација дека натпреварите нема да се одиграат според првичниот распоред.
Во центарот на проблемот се несогласувањата меѓу раководството на АБА-лигата и судиите околу условите и висината на надоместоците. Вкупно 63 судии побарале подобрување на финансискиот и правниот статус, по што лигата распишала јавен конкурс за нови арбитри.
На конкурсот се пријавиле околу 50 судии, а потоа била составена листа од 20 арбитри. Сепак, дел од нив во последен момент се повлекле, по што настана проблем со обезбедувањето судиски екипи за натпреварите.
Поради ситуацијата, Цибона не отпатува во Подгорица на дуелот со Будуќност, а спортскиот директор на хрватскиот клуб Марин Рожиќ потврди дека целото коло е одложено. Неизвесно е кога ќе се одиграат натпреварите од првото коло.
Дополнително, од раководството на АБА-лигата обвинија дека било злоупотребено име и електронска адреса поврзана со натпреварувањето, преку која на дел од новоангажираните судии им било испратено барање да не прифаќаат ангажман во лигата. Од АБА најавија преземање правни чекори за заштита на своите интереси.
Така, наместо со натпревари на паркетот, новата сезона во регионалното натпреварување започна со сериозен спор кој треба што поскоро да биде решен за да може лигата да продолжи според новиот натпреварувачки календар.
ФОТО: Partizan Mozzart Bet/Dragana Stjepanovic