Британецот има 41 година, но не размислува за крај на кариерата. Возачот на Ферари верува дека и натаму може да се натпреварува со најмладите во Формула 1.
Луис Хамилтон испрати јасна порака дека сè уште не размислува за повлекување од Формула 1. Седумкратниот светски шампион смета дека е посебен случај во најбрзиот автомобилски спорт и верува дека може да продолжи да се натпреварува и во своите средни четириесетти години.
„Формула 1 никогаш немала некој како мене во своите 70 години постоење. Едноставно, поинаку сум создаден“, порача Британецот.
Хамилтон ова го изјави пред Големата награда на Мексико, нагласувајќи дека возраста не ја смета за пречка доколку и понатаму може да биде конкурентен.
„Секако, со годините доаѓаат и предизвици кои сега не можам да ги предвидам. Но, во текот на кариерата постојано слушав претпоставки дека со возраста се намалува времето на реакција. Дали ја видовте мојата реакција на последната трка? Беше побрза од онаа на некои од најмладите возачи овде“, објасни Хамилтон.
Британецот смета дека со правилна подготовка, посветеност и жртвување може да се продолжи кариерата и на возраст на која повеќето возачи веќе размислуваат за пензија.
„Сè додека сте подготвени да жртвувате сè, а јас во моментов сум подготвен на тоа, целосно сум посветен. Не можам да кажам дали за четири години ќе сакам да го правам истото, но во догледна иднина ќе бидам тука“, додаде возачот на Ферари.
Хамилтон не ја исклучува можноста да биде дел од Формула 1 и во 2030-тите години. Една од неговите големи желби е да настапи на трка во Африка, континент на кој Формула 1 не гостувала од 1993 година. Руанда веќе има договор за организација на трка во почетокот на следната деценија.
Тоа значи дека Хамилтон би можел да има најмалку 45 години во моментот кога Формула 1 повторно ќе се врати во Африка.
Сепак, седумкратниот шампион нагласи дека нема намера да остане во спортот по секоја цена.
„Никогаш не сакам да останам подолго отколку што треба, односно кога веќе нема да имам добри перформанси. Минатата година сите претпоставуваа дека сум го загубил ритамот, но докажав дека не се во право. Ќе продолжам да се трудам тоа да остане така“, порача Хамилтон.