Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), направи промена на селекторската позиција на Македонија У21, на местото од досегашниот Горан Станиќ е назначен Александар Таневски.
ФФМ му се заблагодари на Станиќ и го промовираше Таневски кој досега ја водеше селекцијата до 20 години.
„ Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука Александар Таневски да биде назначен за нов селектор на македонската репрезентација до 21 година.
Таневски доаѓа од работата со младинските селекции на ФФМ и селекцијата до 20 години, одлично ја познава генерацијата фудбалери која треба да биде основа на новиот состав до 21 година. На последните два натпревари од актуелниот квалификациски циклус, новиот селектор ќе има можност да работи со дел од помладите фудбалери и постепено да го гради тимот за следниот квалификациски циклус.
Целта е создавање конкурентна репрезентација која ќе бележи подобри резултати, но истовремено ќе придонесува и во создавањето и развојот на фудбалери за А репрезентацијата на Македонија.
Александар Таневски во тренерската кариера има водено вкупно 196 официјални натпревари како шеф на стручен штаб во Првата и Втората македонска фудбалска лига. Тренерската кариера ја започна во ФК Скопје, обезбедувајќи промоција во највисок ранг, а истиот успех го повтори со ФК Македонија ЃП, тим со кој играше финале на Купот на Македонија и обезбеди место во Европските купови. Работеше во Академија Пандев, а последниот клупски ангажман го имаше во ФК Беса.
ФФМ му се заблагодарува на досегашниот селектор Горан Станиќ за неговиот придонес и ангажман во репрезентацијата до 21 година и му посакува успех во идните професионални предизвици“, стои во соопштението на ФФМ.